По изјавата на директорот на Агенцијата за странски инвестиции, Дејан Павлески за планираната изградба на луксузни ски центри на Јабланица, Светската организација за заштита на природата – WWF и Еко-свест реагираат дека овие планови се во спротивност со заштитата на природата и со меѓународните стандарди.
Тие напоменуваат дека пред само две години, Споменикот на природа „Вевчански извори“, кој се протега на 1.370 хектари на планината Јабланица, го доби својот План за управување кој овозможува активна заштита, како резултат на напорите на Општина Вевчани и Еко-свест. Важноста на ова подрачје ја потврди и одлуката на Владата да ја прогласи планината Јабланица за национален парк.
„Потсетуваме дека во Планот за управување, пределот над Вевчани не е предвиден за изградба на ски центри и хотелски комплекси, а генерално, изградба на инфраструктура за масовен туризам не е дозволена“, се наведува во заедничкото соопштение на WWF и Еко-свест.
„Една од препораките во последниот експертски извештај од Бернската Конвенција за нашата земја е дека е потребно усогласување на просторните и секторските планови, особено за туризмот и урбаните населби со цел да се спречи понатамошна урбанизација и деградација во националните паркови и заштитените подрачја. Воедно, извештајот вели дека е потребно да се поттикнат одржливи, еколошки форми на туризам, кои се засноваат на стандардите на IUCN за туризмот во заштитените подрачја“, изјави Ана Чоловиќ – Лешоска, Координаторка за политики за WWF Adria во Македонија.
Таа потенцира дека не смееме постојано да си дозволуваме непочитување на меѓународната заедница и ратификуваните конвенции и да одиме спротивно на овие препораки. Сите наши институции имаат еднаква одговорност да ги почитуваат овие препораки, а ваквите изјави се показател на некоординираност и неинформираност во системот“, додава Чоловиќ – Лешоска.
Елена Николовска, Програмски координатор за клима во Еко-свест вели дека извештајот за проекции на климатските промени и за промени во екстремните климатски настани во Македонија, земјата ќе се соочи со потопла и посушна клима.
„Ова значи зачестени и продолжени сушни периоди во земјава како и значително поместување/скратување на есенската и зимска сезона. Многу држави во светот кои имаат развиени скијачки центри во изминативе три години претрпеа огромни финансиски загуби токму поради покачување на температурите и недостатокот на снег. Изградбата на нови ски центри во земјава ќе биде скапа и финансиски неисплатлива инвестиција“, вели Елена Николовска, Програмски координатор за клима во Еко-свест.
WWF и Еко-свест ја упатуваат својата реакција јавно и до Агенцијата за странски ивестиции и бараат ревизија на предложените проекти кои се однесуваат на ски центри во идни национални паркови и заштитени подрачја. Бараат да се направат алтернативни планови за одржлив туризам за што стојат на располагање на надлежните институции.