Соочени со податоците од многуте истражувања на јавното мислење и анализи, кои покажуваат дека јавното мислење полека се свртува од мејнстрим медиумите кон интернет, а пред сè социјалните мрежи и дека сè повеќе луѓето се повлијаени од социјалните мрежи и се затвораат во своите еко-кругови, односно групи истомисленици, неминовно во борбата против ширењето на дезинформациите и сузбивањето на теориите на заговори треба и медиумите, но и другите чинители да преземат поголема активна улога. Особено во споделувањето на фактите и вистината на социјалните мрежи, наместо да реагираат дефанизвно, односно само да реагираат кога дезинформациите ќе се појават, беше посочено на денешната онлајн конференција „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, односно во нејзината сесија „Критичко мислење наспроти медиумски манипулации и теории на заговор за ковид-19“.

Податоци за состојбите и свои размислувања и препораки во оваа сесија споделија Катарина Синадиновска, претседател на Управниот одбор на Советот за етика во медиумите (СЕММ), потоа Ивајло Цонев, проектен координатор за Северна Македонија и Бугарија на Фондацијата за слободата „Фридрих Науман“, како и Александар Стојановски, административен директор на „Евротинк“ и модераторот на сесијата, Филип Стојановски од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.

Како што истакна Цонев, сите сме сведоци на трендот интересот на јавноста полека да се повлекува од медиумите, поради сè позастапени сомневања во вистинитоста или поради неатрактивноста на нивните содржини, и се насочува кон социјални мрежи, каде многу лесно се шират дезинформациите. Поради тоа е потребно одговорните структури (мислејќи притоа и на медиумите) многу поактивно да ги користат социјалните мрежи за ширење на вистините информации, но пред се во насока на развој на критичкото мислење, порача тој. Цонев не се согласува социјалните мрежи да се нарекуваат „социјални медиуми“, бидејќи не одговараат на карактеристики на медиуми, односно многу помалку информираат отколку што ги задоволуваат потребите за социјализација и за простор за споделување на мислењата.

„Интересот на јавноста се повлекува од мас-медиумите, поради сомневања во вистинитоста или неатрактивноста на содржините и луѓето се пренасочуваат кон интернет. Но информациите онлајн не може да се контролираат, секој може да создаде блог, сајт, а пред сè, тука се социјалните мрежи, кои од многумина денес се нарекуваат и социјални медиуми, но тие не одговараат на дефиницијата за медиуми. Социјалните мрежи се повеќе од медиуми, оти не информираат, туку ги задоволуваат когнитивните потреби за социјализација, тие се простор за споделување на мислењата, а со тоа обликуваат и мислења и изнесуваат повици за акција. За поефикасно справување со дезинформации, треба некои структури, од државни фактори до медиуми, мора да почнат да ги користат нивните можност за бенефит на нашите општества“, рече Цонев.

Тој нагласи дека фокусот на заложбите во борбата против дезинформациите мора да се стави на развојот на критичкото мислење, како клучна вредност и вештина за 21. век.

„Критичкото мислење е клучната вредност и вештина што треба да се разбработи и да се стави повисоко на агендата. Критичкото мислење онлајн е врвна вештина за 21 век, која би требало да ја поседуваат луѓето од сите возрасти, групи, земји. Значи, кога зборуваме за вештини за иднината, тоа и медиумска писменост треба да бидат главната форма, главниот фокус и на меѓународните организации, на граѓанските организации, како и на медиумите и на владите и на оние што управуваат со социјалните мрежи“, порача Цонев.

Речиси идентичен став сподели и Катарина Синадиновска, претседател на Управниот одбор на Советот за етика во медиумите (СЕММ). Таа смета дека проблемот на ширење на дезинформациите и теориите на заговор не смее да се третира само како проблематика со која ќе се справуваат само медиумите и граѓанските организации туку како општествено прашање за кое ангажман мора да направат сите релевантни чинители, но и дека сите, а пред се медиумите, наместо дефанзивно да одговараат на ширењето дезинформации, треба да направат многу повеќе за да се пласираат вистинските информации, односно вистината за нештата во јавноста, така создавајќи бедем за распространувачите на дезинформации. Синадиновска посочи и оти е поразително она што е очигледно – дека се повеќе луѓето се затвораат во свои еко-комори, еко-балони, каде има простор само за своето мислење и за истомислениците.

„Сите ние борци за вистински вести и чистење на јавниот простор од дезинформации сме дефанзивни поприлично, односно активностите ги формираме така што даваме одговор на заканите што се во јавниот простор. Ние сме респонзивни, затоа треба да се направи пресврт во нашиот одговор и да почнеме да создаваме многу повеќе „вистински“ вести. И ова не е само мое мислење, туку нешто што го кажуваат и експертите.
Оваа какафонија со ковидот покажа дека живееме во еко комори – сами избираме што да гледаме, сами одредуваме што е вистината, а не се ставаат фактите на прво место. Затоа, изедначувањето на личното мислење со фактите е пораз, оти со тоа центрите на знаење, организациите, универзитетите, професорите, оние што ги знаат нешттата, се под знак на сомнеж. Обичниот човек има тенденција да верува на својата еко комора на социјалните мрежи, а не на авторитетите – и ова треба да се прифати како општествен проблем со кој сите чинители треба да се зафатат“, порача Синадиновска.

Таа рече оти клучната улога во борбата со оваа негативна појава треба да ја играат медиумите.

„Луѓето се разделени во свои групи и одбиваат да комуницираат – туку е улогата на медиумите – да обезбедат начин да се чуе вистината, да се каже дека фактите се факти, а мислењето е мислење и дека треба да се слуша науката“, рече претседателката на управниот одбор на СЕММ.

Посочувајќи на проблемот на ширењето на дезинформации во медиумите, таа посочи дека не се проблем медиумите од Регистарот на професионални медиуми, оти тие подлежат на саморегулација, односно СЕММ може и да ги казни ако треба, туку е проблемот во оние што не се во тој регистер, во тој механизам на саморегулација, односно оние што се главни ширачи на лажни вести се директно поврзани со политичките партии и шират партиски наративи, одбивајќи да дадат глас на разумот и науката.

Синадиновска нагласи и дека судството е многу бавно во спроведувањето на правдата, што е директен удар на обидите за борба против негативните појави.

Прагматичен увид во состојбите со јавното мислење и ширењето теории на заговор и дезинформации изнесоа Александар Стојановски од „Евротинк“ и Филип Стојановски од „Метаморфозис“ изнесувајќи ги податоците од анализите на јавното мислење и студиите презентирани во последните три години од спроведувањето на проектот Критинк.