Меѓународната енергетска криза, која што влијаеше на енормно зголемување на цените на електричната и топлинската енергија, го вклучи „црвениот аларм“ кај граѓаните во земјава. Прашањата за висината на сметките за струја од 1 јануари 2022 година, пропратени со шпекулациите дека ќе има рестрикции на електрична енергија, ги стимулираа граѓаните есенва да се пренасочат кон набавка на печки на дрва, како замена за парното греење или инвертер клима уредите.
Од Регулаторната комисија за енергетика до крајот на годинава треба да излезат со пресметките за тоа колку ќе поскапи цената на електричната енергија што ќе ја плаќаат домаќинствата и малите потрошувачи во периодот јануари-јуни 2022 година, но веќе е извесно дека зголемувањето ќе го почувствуваат граѓаните.
Вистинското прашање е дали со порастот на сметките за струја, како и евентуалното поскапување на парното греење во Скопје, ќе порасне и интересот на граѓаните да ги заменат своите инвертер клима уреди и централното греење повторно со печки за огревни дрва или ќе се насочат кон обновливите извори на енергија? И се разбира, колку ваквиот потег на граѓаните ќе има негативно влијание врз загадувањето на воздухот во градовите?
Последното истражување што го промовираше „Еко-свест“, изработено од компанијата ИНДАГО, кон крајот на ноември годинава, презентирано на работилницата во рамките на проектот „Партнерство за попаметно греење“, говори дека граѓаните имаат конзервативен став кон промените системот за греење што го користат. Истражувањето покажало дека 53 отсто од испитаните домаќинства не сакаат да го сменат системот за греење, а само десет отсто се подготвени на таков чекор. Останатите домаќинства би се преориентирале на помодерен и поеколошки начин на затоплување, но само ако добијат неповратна финансиска помош.
Мета.мк го праша Горјан Јовановски, креатор на апликацијата „Мој воздух“ и советник на „Зелен хуман град“ во Советот на град Скопје, колку навалицата од граѓаните кон набавка на печки на дрва би можела да влијае негативно на нивоата на загадување на воздухот во градовите. Неговиот одговор е дека како граѓани треба да се пренасочиме кон сончевата енергија.
„Горење дрва загадува, но и произведување на струја од јаглен и мазут енормно загадува. Како земја со над 230 просечно сончеви денови во годината, соларни фарми и промоција на соларната енергија за домаќинствата е круцијална за намалување на аерозагадувањето од многу извори. Ова е долгорочна мерка, што не смее да се одложува“, вели Горјан Јовановски, додавајќи дека плановите за ваков развој за Скопје и за целата земја не треба да се прават само за еден изборен циклус, туку за наредните 50 или 100 години.
Инаку, истражувањето на ИНДАГО покажало дека половина од домаќинствата во земјава ги греат само оние соби каде што седат, но и дека 79 отсто се задоволни од тоа како се затоплени. Најголемиот дел од домаќинствата старите печки би ги смениле за инвертер клима, потоа за топлотна пумпа и за парно греење, но сепак дури 70 отсто изјавиле дека за ваква инвестиција не сакаат да земат кредит, а само 19 отсто се изјасниле дека прифатлива инвестиција им е до 300 евра.
Ваквото истражување практично значи дека државата, банките и општините се субјектите коишто ќе треба да ги поттикнат граѓаните финансиски да вложат во нови уреди на затоплување, но актуелното прашање е дали инвертер клима уредите коишто од општините и владата се стимулираа преку субвенции во изминатиов период се вистинска алтернатива за земјава, во услови кога увозот на струја од странство е прескап, додека производството на електрична енергија од мазут и јаглен од домашните термоелектрани е многу нееколошки избор.
Горјан Јовановски вели дека инвертер клима уредите помагаат да се намали локалното загадување на воздухот во густо населените места, каде што претходно поголем дел од граѓаните се грееле на огревно дрво.
Сепак, и производството на струја од јаглен и мазут исто така загадува, а според актуелните цени за производство на струја од 150 до 180 евра за мегават-час кај ТЕЦ „Неготино“, ова е фактор којшто единствено ќе ги “стопли” сметките за струја.
Од граѓанската „02 Иницијатива“ остри критики упатуваат и до централната власт за чекорите што ги преземаат во услови на енергетска криза. Собранието на РСМ минатата недела изгласа прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници за 2021 година, со кои дополнително се намалени за 13,5 милиони евра буџетските средства наменети за аерозагадување, диви депонии, заштита на водите и животната средина, енергетска ефикасност и енергетска независност.
„За да се намалат толку големи средства значи дека не се спровело предвиденото за намалување на аерозагадувањето, дивите депонии, заштита на водите и животната средина, енергетската ефикасност, енергетската независност и обновливи извори на енергија, што е поразително“, пишуваат од „02 Иницијатива“ на нивната Фејсбук страница.
Од „02 Иницијатива“ го потенцираат намалувањето на средствата за аерозагадување за цели 71 отсто од предвидените 1,3 милиони евра во буџетот за годинава. За енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови има намалување од 71.500 евра или 54 отсто помалку од предвидените средства во буџетот за 2021 година. Намалување од 65 отсто кај капиталните расходи има и кај управувањето со отпад, односно пад од 326.000 евра.
На директен или индиректен начин, неспроведувањето и одолговлекувањето на потребните проекти ветени од централната власт, негативно влијае врз воздухот што го дишеме, но и испраќа лоша порака кон граѓаните во однос на нивното донесување одлуки во инвестиции кон обновливи извори на енергија или кон поеколошки грејни тела во домовите.
Инаку, податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) за енергентите што ги користат македонските домаќинства за затоплување се исклучително негативни, од аспект на загадувањето на воздухот. 49,2 отсто од домаќинствата во земјава во 2019 година одговориле дека користат огревно дрво или дрво од овошни насади за да ги затоплат просториите каде живеат, додека 31,3 отсто од домаќинствата се грејат на електрична енергија, која што пак првенствено се произведува од термоелектраните и чија цена е извесно дека ќе расте и во иднина. На централно парно греење биле приклучени 10,5 отсто од домаќинствата, додека 8,5 отсто од домаќинствата се грееле на брикети или пелети.
Ако се спореди состојбата со идентично истражување на ДЗС спроведено пред пет години, статистичарите во 2014 година утврдиле дека 61,59 отсто од домаќинствата се грееле на огревно дрво и дрво од овошни насади, 28,6 отсто од домовите тогаш се грееле на електрична енергија, до централно парно греење имале пристап 8,33 отсто од домовите, додека на дрвени брикети и пелети се затоплувале само 0,87 отсто од објектите за домување.
Споредбените податоци покажуваат дека користењето на огревното дрво опаѓа низ годините, а расте користењето на централното парно греење, греењето на струја и на дрвени брикети и пелети. За да се спречи обратниот негативен процес – да се зголеми процентот на домаќинства што се грејат на огревно дрво во периодот на енергетска криза, централната власт, но и општините, ќе треба уште веднаш да ги зголемат стимулативните мерки кон граѓаните за користење на сончевата енергија, но и за вложување во енергетска ефикасност и за зголемување на свесноста за рационална потрошувачка на струјата.