На новинарско прашање од што е болен градоначалникот на општина Карпош, Сотир Лукровски, и дали ќе може да се извини за двете промашувања околу поддршката за поранешната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска и сега, со Сотир Лукровски, премиерот Христијан Мицкоски имаше многу краток, но ироничен одговор.

„Што се однесува за првото прашање, ќе го повторам одговорот, тоа е лично прашање и моите први седум години од животот не ми дозволуваат да коментирам што е тоа што е лично, а што не е лично. А што се однесува до вториот дел од прашањето, еве само ќе се насмеам“, кажа тој со што всушност ги избегна прашањата.

Инаку, наместо градоначалникот на Карпош, Лукровски, кој наводно е на боледување, на настанот на кој по втор пат беше пуштен во употреба базен во општината, присуствуваше заменик-градоначалникот Неделчо Крстевски, кој е советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.