Како се планираат буџетите на државните институции и како се одлучува кој ќе добие помалку, а кој повеќе средства е прашање што заслужува внимание откако Владата во предлог-буџетот за 2020 година им додели повеќе пари на три институции кои поради политички несогласувања подолго време се без директори, покажува новото продолжение од анализата на „Мета.мк“ на предлог-буџетот за 2020 година .

Станува збор за Дирекцијата за заштита на личните податоци (ДЗЛП), Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер и Државниот завод за ревизија(ДЗР) кои поради тоа што немаат директори со месеци се блокирани во работењето што предизвикува застој во остварување на основните права на граѓаните какви што се заштитата на личните податоци, пристапот до информации и увид во финансиското работењето на институциите што ги контролираат ревизорите.

Имено, во предлог-буџетот за 2020 година Дирекција за заштита на личните податоци доби 20,8 милиони денари, што е зголемување во однос на годинашниот буџет од 16,7 милиони денари. Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, која во предлог-буџетот е веќе прекрстена во Агенција доби 17 милиони денари што е повеќе во однос на 15,2 милиони денари колку што и беа доделени годинава. Државниот завод за ревизија, пак, доби „покачување“ на буџетот од годинашните 93,7 милиони денари на 107,7 милиони денари за следната година.

Подготовката на државниот буџет е регулирана со Законот за буџетите каде е нагласена улогата на раководителите на институциите во комуникацијата со Министерството за финансии при подготовката на годишните буџети на институциите.

Имено, во член 19 од Законот се вели дека Министерството за финансии најдоцна до 15 јуни, до буџетските корисници на централната власт и фондовите, доставува инструкции во форма на буџетски циркулар. Раководителот на буџетскиот корисник го доставува циркуларот до единките корисници. Во член 22 се вели дека раководителите на буџетските корисници, предлогот на буџетските барања ги доставуваат до Министерството за финансии, најдоцна до 1 септември во тековната година.

Во него, се додава дека за буџетските корисници на централната власт и фондовите кои не доставиле буџетско барање во овој рок, Министерството за финансии во нивно име изготвува предлог на буџет.

Иако законодавецот оставил можност Министерството само да ги формира буџетите на институциите кои се буџетски корисници, тоа не би требало да стане практика со оглед на тоа што е невозможно службениците во финансии да ги знаат потребите, програмите и проблемите на институциите одблизу како што ги знаат нивните раководители.

Инаку, медиумските и невладините организации подолг период укажуваат од штетите предизвикани од нефункционирањето на овие три институции.

Елена Стојановска, аналитичар од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, вели дека отсуството на раководство во Дирекцијата за заштита на личните податоци веќе шест месеци претставува нарушување на работата на оваа институција на повеќе нивоа.

Елена Стојановска, „Метаморфозис“

„Директното нарушување на работата на орган кој во својата основна надлежност ја има заштитата на едно фундаментално право, правото на приватност е пред се во неможноста Дирекцијата да спроведува редовен инспекциски надзор. Редовниот инспекциски надзор е основна надлежност во Планот за работа на Дирекцијата кој во оваа ситуација, веќе шест месеци не се спроведува. Овие шест месеци во неспроведувањето на редовниот инспекциски надзор се еден вид на вакум период во кој Дирекцијата нема увид што се случува на терен“, вели Стојановска.

Таа укажува дека друг застој се случува и во усогласувањето на секторските закони со Законот за заштита на личните податоци. Имено, Дирекцијата има надлежност да дава мислења за предлог закони и уредби во кои треба да се имплементираат основните принципи за заштита на личните податоци како и технички и организациски мерки за заштита на личните податоци.

„Во изминатите шест месеци, Дирекцијата не е во можност формално правно да се произнесе по ниту еден предлог закон, па со тоа се кочи и процесот на усогласување на целокупното законодавство со Законот за заштита на личните податоци“, вели Стојановска.

Доколку оваа ситуација се разгледува од перспектива на ЕУ интеграциите на земјава, додава таа, сериозно загрижува фактот дека повеќе од една година се работеше на текстот на новиот Закон за заштита на личните податоци во кој во целост се транспонира и Општата регулатива за заштита на личните податоци (General Data Protection Regulation), чија примена по донесувањето исто така ќе биде доведена во прашање.

„Обемот и комплексноста на GDPR задолжително бара стратешки пристап во едукацијата на контролорите за правична примена на новиот Закон за заштита на личните податоци, а Дирекцијата до именувањето на ново раководство не е во можност да спроведува едукации и какви било активности за подигнување на свеста за правото на заштита на личните податоци“, вели Стојановска.

Според неа, во овој период од годината вообичаено се носи и годишниот План за работа за следната година, се започнува и со подготовка на извештајот за работа за изминатата година.

„Овие процеси не може да започнат ниту да завршат без раководство во институцијата па со тоа директно се загрозува процесот на стратешко планирање за идните активности, но и на отчетност за досега сработеното“, вели Стојановска.

Гоце Трпковски, долгогодишен истражувачки новинар кој работи во „Призма“,  дел од Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН) вели дека нефункционирањето на Комисијата за заштита на правото на пристап до податоци од јавен карактер и неосновањето на Агенцијата што со новиот закон треба да ги преземе овие надлежности најмногу ги погаѓа новинарите, граѓанските организации, истражувачите и другите лица што имаат потреба да дојдат до податоци и до документи од јавните институции.

Гоце Трпковски, „Призма“

„Поентата на постоењето на законот за пристап е остварувањето на јавниот интерес за информираност на граѓаните. На овој начин институциите можат да си дозволат да бидат скржави со информациите или да одбиваат барања со неразбирливи образложенија, а барателите да немаат каде да се пожалат. Им останува само да поднесат тужба до Управниот суд, но додека заврши таа постапка може да помине и повеќе од една година и бараната информација да стане неважна“, вели Трпковски.

За другите институции како ДЗР и ДЗЛП, тој вели дека се од технички карактер, односно работата што ја извршуваат е техничка, но изборот на нивните директори и причините поради кои тие не се избрани се крајно политички.

„Мора да се најде механизам според кој крајно ќе се ограничи политичкото влијание во назначувањето на нивните раководства и исто така ќе се овозможи тие непречено да си ја вршат својата работа дури додека трае процесот на избор на раководниот кадар“, потенцира Трпковски.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.