Наместо еколошка такса, постојаното менување на законите доведе до намалување на цената на дизелот

-

Збрка од предложени и применети законски решенија за цената на нафтените деривати, за само еден месец. Наместо од почетокот на јули да се воведе еколошката такса од 3,5 денари за горивата како што најавија од Владата, најновата одлука на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, предвидува намалување на акцизата за 2 денара за литар Еуродизел (Д-Е V) поради порастот на цените на светските берзи. Па така, од ноќеска дизел горивото ќе се продава по цена од 61 денари за литар.

„Овој раст на цени на светските берзи го достигна нивото со кои се исполнија условите да се намали акцизата за 2,00 денара за литар за Еуродизел (Д-Е V) согласно Уредбата со законска сила за дополнување на уредбата со законска сила за примена на законот за акцизите за време на вонредна состојба“, се наведува во соопштението на Регулаторната комисија за енергетика.

Исто така, Еуросупер БС-95 од ноќеска ќе се продава по цена од 72,50 денари за литар, додека Еуросупер БС-98 ќе се точи за 74,50 денари за литар. Екстра лесното масло за домаќинство на бензинските станици ќе чини 63,50 денари за литар, додека мазутот ќе се продава за 38,018 денари за килограм.

Инаку, потрошувачката на дизел горивото во земјава за само една и пол деценија е тројно зголемено. Ако во 2005 година, во земјава на годишно ниво се трошеле 182.100 тони дизел во транспортот, веќе во 2019 година ова количество е фрапантно зголемено на 569.100 тони дизел гориво за транспорт. Поради големото загадување на воздухот што го предизвикува дизел горивото, дел од властите во западноевропските земји веќе воведоа рестрикции за употребата на дизел возилата во патниот транспорт.

Од Владата на РСМ пред само неколку недели објаснија дека еколошката такса ќе служи за полнење со средства за новиот еколошки фонд, од каде што ќе се прераспределуваат средства за проекти, од типот на веќе применливите субвенции за вградување на плински уреди во постарите возила.

„За да постојат стимулативни мерки мора да се обезбедат финансиски средства. Тоа го покажуваат голем број студии кои се изработени од сериозни институции како UNDP, МАНУ, Светска Банка, Енергетската заедница и други кои укажуваат на потребата од воведување на данок на јаглерод или еколошки данок. Ова што Владата на Северна Македонија во моментот го прави е всушност имплементирање на нивните препораки. Средствата собрани врз основа на овие такси потребно е да се враќаат назад кон граѓаните и ние тоа ќе го направиме. Овој данок веќе се применува во европските земји, и овде се правени истражувања повеќе од 3 години“, објаснуваа од Владата на РСМ за „Мета.мк“ на почетокот на овој месец.

Во Скопје нема организирана група која киднапира деца

Вистиномер побара изјава од МВР со цел да разјасниме, дали постои или не организирана група која киданпира деца сред бел ден во Скопје, како што тврди објавата. Портпаролот на...