Недостигот на паркинг места во Скопје станува хроничен проблем. Бројот на автомобили на скопските улици од година во година расте, а ваквиот тренд не доведува и до отворање на доволно нови локации за паркирање на овие превозни средства. Статистичките податоци покажуваат дека градските власти не можат да постигнат во отворањето на дополнителни паркиралишта, кои би биле доволни за сместување за сите нови возила на граѓаните.
Според податоците на ЈП „Градски паркинг“, лани во главниот град тие располагале со 9.396 паркинг места во „затворени“ јавни паркиралишта, јавни површини за зонско паркирање и катни гаражи. Бројот на паркинг места е зголемен за 397 во споредба со 2019 година. Сепак, бројот на издадени бесплатни дозволи за паркирање на станари на околните згради во 2020 година се искачил на 124.724, односно за една година бројот на вакви дозволи е зголемен за дури 10.761.
Притоа, зголемување на бројот на бесплатни дозволи за паркирање на станарите се бележи и кај зонското паркирање во Центар и кај она во Аеродром, додека мал пад на издавањето вакви дозволи има единствено кај „затворените“ јавни паркиралишта.
Во согласност со овие податоци, во Скопје лани на едно паркинг место во просек паркирале 13 возила на станарите. Покрај станарите, на обележаните паркинг места се паркираат и службени возила и автомобили на вработени во компании кои гравитираат околу паркинзите, како и граѓани кои ги оставаат своите превозни средства на неколку часа во денот на една локација.
Најголем број за пронаоѓање слободно место за паркирање имаат граѓаните од центарот на Скопје, каде и „притисокот“ за паркирање е најголем во текот на денот. И покрај тоа што имаат бесплатни дозволи за паркирање, станарите од зградите се приморани да плаќаат по неколку илјади денари за дополнително паркинг место и на други локации, бидејќи околу нивните живеалишта е невозможно да се најде слободен паркинг секој ден.
И покрај тоа што ЈП „Градски паркинг“ – Скопје го зголемува секоја година бројот на нови паркинг места, ова јавно претпријатие не прави ништо за да го зголеми капацитетот за паркирање на постојните локации со кои управува, првенствено преку изградба на монтажни гаражи за зголемување на капацитетот на постојните јавни површини. Единствени инвестиции на ова јавно претпријатие лани биле во проширување и реновирање на постојните локации.
„Во текот на 2020 година, во услови на светска криза предизвикана од пандемија, Претпријатието сепак успеа да уреди дополнителен број на паркинг места. Не беа отворени нови јавни паркиралишта или зони но, се работеше на проширување и реновирање на веќе постоечките“, се вели во Годишниот извештај за работењето на ЈП „Градски паркинг“ за 2020 година.
Инаку, зонското паркирање во Скопје беше воведено во 2009 година, при што на жителите на главниот град им беше ветено дека ваквиот пристап на паркирање ќе овозможи драстично намалување во изгубеното време во барање слободно место за паркирање. Ново јавно претпријатие беше основано, но проблемот со недостиг на паркинг места низ годините расте.
Актуелната ситуација со паркирањето во Скопје ја влошуваат и самите граѓани, чиј возен парк постојано се зголемува низ годините. Во 2019 година, бројот на регистрирани автомобили во главниот град изнесувал 148.892, а голем број на домаќинства имаат по две или повеќе возила што дополнително го влошува проблемот со недостиг на паркинг места.