Наместо 44, граѓаните плаќале 81 евро за секој мегават електрична енергија произведен од мала хидроелектрана

Од изградбата на мала хидроелектрана на Маркова река | Фото: Приватна архива

Малите хидроелектрани минатата година произвеле само 195,7 гигават часови електрична енергија и учествувале само со четири отсто во вкупното домашно производство. Сепак, тоа не значи дека работеле непрофитабилно, бидејќи на концесионерите од 2012 година па досега им се платени 41 милион евра повеќе во однос на пазарната вредност на произведената енергија, поради користење на законски предвидените повластени тарифи. Тоа значи дека граѓаните, наместо 44 евра, колку што во овој период чинел еден мегават електрична енергија на берзите, плаќале по 81 евро, само затоа што е произведен во мала хидроелектрана.

Ова го констатира ревизијата на тема “Експлоатација на водни ресурси при производство на електрична енергија за период од 2012 до 2021 година“ која ја објави Државниот завод за ревизија. Извештајот содржи бројни препораки како да се надминат состојбите и да запре кршењето на законите, но како што констатираат и самите ревизори, се уште има голем процент на препорачани мерки уште од претходниот извештај кои државните институции не ги имплементирале.

Ревизорите, во извештајот пишуваат дека на малите хидроелектрани им е загарантиран откупот на целокупното производство на електрична енергија по повластени тарифи, кои се значително повисоки од просечните пазарни цени. Имено, просечната повластена тарифа изнесува околу 5.000 денари или 81 евро за еден МWh електрична енергија, што е речиси двојно повеќе од остварената пазарна цена на референтната берза на електрична енергија, која во период од 2012 до 2020 година се движи во распон од 2.100 до 3.100 денари  или 44 евра. Поради ова, на повластените производители за девет години им се исплатени над 90 милиони евра, што е за околу 41 милиони евра повеќе од пазарната вредност на произведената електрична енергија поради користење на повластена тарифа.

Изградбата на малите хидроелектрани е проблематично и заради постојаното прекршување или заобиколување на бројни закони во издавањето на концесиите, изградбата и работењето. Иако наплатиле сериозно повисока сума од пазарната, тоа не ги спречило повластените производители да не уплатат речиси 23 милиони денари за надоместок за користење на вода за производство на електрична енергија. Извештајот нотира дека најголем дел од МХЕ, поради неутврдена производна цена, надоместокот за користење на водата од еден отсто го пресметуваат на истата основица како и за концесискиот надоместок. Со ревизијата е утврдено дека така се наплатени 375.000 евра помалку или 41 отсто од вкупно пресметаниот надоместок. Иако тоа директно ги крши законите за водите и за буџетите, сепак не било причина институциите да им ја одземат дозволата и да им го скратат повластениот третман.

Ревизорите откриваат дека државата се фокусирала на давањето на концесии за мали хидроелектрани, нудејќи големи повластувања за концесионерите, а не на изградба на големите централи, па со тоа не ги исполнила обврските за производство на електрична енергија од обновливи извори кои самата си ги зацртала. До лани во земјава се изградени вкупно 117 хидроцентрали, од кои осум се големи, 13 мали кои не се повластени производители и 96 мали со статус на повластени производители. Според официјалните податоци учеството на обновливите извори во бруто финалната потрошувачка на енергија во 2019 година изнесува 14,78 отсто, наспроти планираните 23 отсто до 2020 година, што е неисполнување на националните задолжителни цели предвидени со Законот за енергетика.

И постапките за доделување концесии за користење на вода за производство на електрична енергија се проблематични бидејќи се спроведени без направена оцена на влијанието врз животната средина, а дел и без студија за концесиски проект, врз основа на застарени хидролошки податоци. Слабостите при издавањето на дозволите и неефикасната контрола од страна на надлежните институции овозможиле користење на вода без обезбедена дозвола за водно право, а поради невоспоставена водна книга, Министерството за животна средина не располага со комплетни податоци за примените барања и издадените дозволи за водно право.

Ревизорите констатираат и закани кон биодиверзитетот и природата од начинот на изградба на енергетските објекти. Одобрувањето на елаборатите за заштита на животната средина се врши без соодветно утврдување на можното влијание врз животната средина, што доведува до ризик изградбата да има одредени негативни влијанија врз речните екосистеми и природната биолошка разновидност. Ревизорите потврдуваат и дека инвеститорот е должен да обезбеди т.н. биолошки минимум во реката кој не ги одразува реалните потреби на живиот свет во реката затоа што не ги зема предвид сезонските варијации на протокот.

Констатациите од ревизорскиот извештај, велат од граѓанската организација „Еко свест“ и од Македонското здружение на млади правници, целосно се совпаѓаат со нивните забелешки за овие енергетски објекти, за кои реагираат повеќе години наназад.

„Извештајот на ДЗР уште еднаш го потврди она што со години го повторуваме: дека комплетната постапка за изградба на мали хидроцентрали целосно ги занемарува сите законски обврски за заштита на животната средина, што кулминира со издавањето на елаборатите за малите хидроецентрали без соодветно утврдување на фактичката состојба и влијанието врз животната средина. Ова доведува до катастрофални последици по животната средина и локалното население,“ вели Ѓорѓи Митревски, координатор за поддршка на заедниците во Еко-свест.

За Бојан Трпевски од Македонското здружение на млади правници, неспроведувањето на оцената на влијанието врз животната средина при доделувањето концесии за МХЕ дополнително штети на ефикасно реализирање на начелото на учество на јавноста. На овој начин, посочува, на граѓаните не им била дадена можност да ги искажат своите ставови при доделувањето концесии за МХЕ, ниту пак институциите можеле ефикасно да го проценат нивното штетно влијание по околината и заштитните мерки кои инвеститорот требало да ги преземе.