Проекти за греење без емисии за домаќинствата со изградба на гасни централи, проект „Државата не загадува“ за намалување на загадувањето од јавните објекти, мерки за индустријата, намалување на влијанието на транспортот, забрана за палење на нивите, како и формирање на општински редарски служби и комунална полиција се проектите кои се дел од „Планската програма за почист воздух 2024-2030“ која денеска беше презентирана од првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.
Во новата програма се предвидуваат цели кои во следните пет години треба да придонесат за подобрување на квалитетот на воздухот во земјава, особено во поголемите градови кои секоја година се соочуваат со екстремно аерозагадување.
Програмскиот пакет, според Меџити, содржи цели за намалување на емисиите на честички од домашните ложишта, од јавните објекти и од индустриските процеси, намалување на палењето на недозволиви материјали, зеленило и шуми и намалување на емисии од транспортот.
„Во програмскиот пакет се опфатени главните области кои влијаат на загадувањето на воздухот, енергетиката, индустријата, транспортот и земјоделството. Одговорни за реализација на проектите ќе бидат институции и на централно и на локално ниво“, рече Меџити.
Во поглед на енергетиката, Меџити најави дека ќе се работи на намалување на емисиите од затоплувањето на домаќинствата и проект за когенеративни гасни централи, топлински пумпи и високо ефикасни котли. Со проектот државата не загадува ќе се намалуваат емисиите на честички од јавните објекти, а со проектот такси без директни емисии ќе се ограничува загадувањето од транспортот. Проектни програми има и за ресорот земјоделство каде се предвидува употреба на квалитено огревно дрво, проект за стопирање на палењето на ниви и стрништа, предизвикување шумски пожари и други. Општините, според новата Програма, ќе треба да ги контролираат емисиите од домаќинствата, да имаат комунална редарска служба и комунална полиција.
Меџити најави дека приоритетите се дефинирани со детална анализа на загадувањето на воздухот како среднорочни и долгорочни мерки, но не и краткорочни, бидејќи, како што нагласи, не сака да ветува решенија кои може да не се исполнат за ваков комплексен проблем што се игнорира долги години.
„Владата веќе донесе план со краткорочни мерки. Ова се среднорочни и долгорочни, а допрва ќе се знае колку време ќе се реализираат, колку ќе чинат и кој ќе биде надлежен за нивна реализација. Ќе се ангажирам да се вклучат сите институции со ингеренции и ќе инсистирам на соработка од експертите и поддршка од граѓаните“, рече Меџити.