Прекинување на постапката за избор на Ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денеска побара Независниот академски синдикат (НАкС), кој поднесе нова претставка до Државниот просветен инспекторат (ДПИ). Претставниците на Синдикатот го повикаа ДПИ да постапи и по претходните претставки поднесени од НАкС и од Антикорупциска комисија, кои беа во врска со постапките за избор на Ректор и Сенат на УКИМ и да спроведе вонреден инспекциски надзор на Универзитетот. Причината за тоа е што и покрај владината уредба со која се предвидува стопирање на изборот додека трае вонредната состојба, оваа постапка продолжува, а дополнително, НАкС смета дека таа е незаконска и поради распишаните парламентарни избори.
– Според Законот за високо образование, новиот ректор треба да се избере најдоцна до 15 септември, а Универзитетската изборна комисија, не само што ја спроведува постапката во време на вонредна состојба, туку и форсира избори за ректор на УКИМ во време на парламентарни избори – изјави Елена Џукеска, в.д. претседател на НАкС, на одржаната прес-конференција.
Во врска со неприфатената кандидатура на проф. д-р Петар Атанасов, НАкС смета дека одлуката на Универзитетската изборна комисија е можеби тенденциозна, бидејќи Атанасов е дисквалификуван затоа што, за разлика од другите шест кандидати, чии пријави се прифатени, документацијата ја испратил електронски и ја заштитил со лозинка. Според НАкС, програмите на кандидатите за ректор се авторски трудови и треба да бидат заштитени, сè до отворање на ковертите.
Професорот Петар Атанасов денеска соопшти дека Универзитетската изборна комисија вчера, без да го извести претходно и без сериозна причина, не го прогласила за официјален кандидат во натпреварот за избор на нов ректор на УКИМ. Во отворено писмо до јавноста тој наведе дека сите документи што биле побарани со конкурсот ги доставил уредно и на време, а дека Комисијата за избор на ректор не му ги прифатила документите со образложение дека се во пдф-формат и не можеле да ги отворат бидејќи биле заштитени со лозинка.
Во писмото тој бара од Универзитетската изборна комисија да поднесе оставка и смета дека е потребна нова и законска постапка која треба да ја спроведе наредниот Сенат на УКИМ, што треба да се конституира за неколку дена. Соопшти и дека пред Комисијата да го дисквалификува од конкурсот, поднел Претставка до Државната комисија за спречување корупцијата со барање сегашниот ректор „поради судир на интереси и трговија со влијанија да биде дисквалификуван од овој конкурс“.
Професорот Атанасов најави дека ќе поднесе кривична пријава против претседателот на Комисијата Пламен Тројачанец и дека ќе побара правна заштита, а бидејќи е отстранет од трката за ректор на УКИМ својата биографија и Програмата ќе ги објави на социјалните мрежи.
Инаку, Комисијата за избор на Ректор на „Св. Кирил и Методиј” ја утврди и објави листата на кандидати за ректор за мандатниот период 15 септември 2020 – 15 септември 2023 година. Прифатени се кандидатурите на проф. д-р Јане Ацевски и на проф. д-р Коле Василевски од Шумарскиот факултет, проф. д-р Драги Димитриевски од Земјоделскиот, проф. д-р Александар Димитров од Технолошко-металуршкиот факултет, проф. д-р Вујица Живковиќ од Факултетот за физичко образование и кандидатурата на актуелниот ректор – проф. д-р Никола Јанкуловски од Медицинскиот факултет.