Најталентираните млади пијанисти ќе настапат на Денот на пијаното во КИЦ

Фото: Piano Day

На 25 и на 29 март, по седми пат ќе биде одбележан Денот на пијаното – Скопје (Piano Day – Skopje) во салон 19:19 во Културнo-информативниот центар (KИЦ). Овој ден ќе биде одбележан со богата програма на која ќе настапат ученици од државниот балетско-музички училишен центар „Илија Николовски Луј“. Годинава Piano Day Skopje го реализира своето седмо специјално издание.

„Светот и музиката се менуваат, се менува презентирањето, доживувањето, трендот. Ние треба да го живееме нашето време и преку музичките трендови и достигнувања.
Оваа година на Денот на пијаното ќе настапи италијанското дуо Luigi Di Miele-пијано и Alina Maria Taslavan-виолина, потоа најталентираните ученици „Илија Николовски-Луј”, како и студенти од Факултетот за музичка уметност. За првпат ќе има и трибина посветена на пијанизмот“, вели професорката Светлана Димитриевска.

Според неа, за младите овој настан е значен токму поради современиот концепт, изборот на програмата, која се прави во соработка со истакнати светски композитори.

„За првпат ќе биде прикажан концептот „Piano Day Lounge“, следејќи ги светските музички трендови, тенденциите на заедничко и единствено музичко доживување, непосредно доближено до публиката. Неизоставен дел е и соработката со македонски композитори, оваа година со Бете Илин“, додава професорката.

Денот на пијаното се одржува еднаш годишно, односно на 88. ден во годината, бидејќи толку дирки на број има пијаното.