Најпознатата програма за млади во Европа со зголемен буџет до 2027 година, но помалку од ветеното

Најпознатата програма за млади во Европа, Еразмус+ може да се соочи со скратување на предвидените средства за финансирање во претстојниот буџет на Европската Унија. Буџетот од 21,2 милијарди евра на Еразмус+ прогрaмата за периодот 2021-2027 година е за дури 14,7 милијарди евра поголем од буџетот за 2014-2020 година. Сепак, оваа сума е помала од 24,6 милијарди евра, која што ја објави Европската комисија во мај.

Претседателот на Европскиот парламент, Дејвид Сасоли изјави дека предложените кратења на повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ за истражувачки проекти и програмата „Еразмус“ не се прифатливи.

„Не можеме да го скратиме буџетот за истражување и млади и Еразмус, едноставно не можеме“, додаде тој.

Сасоли рече дека ќе бидат неопходни преговори за долгорочниот буџет пред парламентот да го одобри. Тој информираше дека конечното гласање во Европскиот парламент ќе биде за неколку месеци.

Инаку, Еразмус+ е Програма на Европската комисија за образование, обука, млади и спорт за периодот 2014-2020 година, која следи по програмите „Доживотно учење“ и „Млади во акција“ (2007–2014). Како интегрирана програма, Еразмус+ нуди повеќе можности за мобилност на учениците и кадарот и соработка преку секторот образование. Програмата е отворена за студенти, практиканти, наставници, предавачи, млади луѓе, волонтери и младински работници.

Околу две-третини од буџетот е наменет за можностите за учење во странство за поединци, во рамките на ЕУ и пошироко, додека пак, остатокот е поддржуван од партнерства помеѓу образовни институции, младински организации, деловни активности, локални и регионални власти и невладини организации, како и реформи за модернизирање на образованието, обуката и младинските системи.

Еден од главните принципи на програмата е зголемување на доживотното учење со активности. Искуствата покажуваат дека мобилноста преку Еразмус+ ја подобрува вработливоста на учесниците и нивното чувство да бидат европски и активни граѓани. Со програмата предвидени се најразлични обуки, студиски престои и програми за мобилност во високото образование, волонтерство во странство итн.

Кај нас, Националната агенција за европски образовни програми и мобилност е задолжена да работи на промоција и спроведување на европските програми во областа на образованието, обуката, младите и спортот во Република Северна Македонија. Нашата држава е полноправна членка во Еразмус+ програмата и ќе може да учествува во искористувањето на средствата за периодот 2021-2027 година.