fbpx

Најмногу заинтересирани кандидати за Економскиот факултет, послаб интерес за техничките струки

-

Илјадници студенти од цела Македонија денеска со документите в рака тргнаа да се запишат на некој од факултетите на УКИМ, а голем интерес традиционално има за Економскиот факултет, пренесе Факултети.

Факултетот за електротехнички науки (ФЕИТ) на електронскиот систем регистрирал околу 330 пријавени кандидати, а денеска документи донеле околу 300 идни студенти.

– Уписот во овој прв ден тече одлично и во рамки на очекуваното. Некаде околу 300 кандидати денеска донесоа документи. Има голем интерес за насоките „Електроенергетика, автоматизација и обновливи извори на енергија“, но и за „Компјутерско системско инженерство, автоматика и роботика“. Очекуваме утре да донесат документи сите што се пријавија електронски. Инаку, традиционално добар број на студенти запишуваме и во втор и трет упсиен рок, па очекуваме повеќе студенти за разлика од претходните години. Денеска ни стигна матурантка која е примена на факултет во Германија, па се двоумеше дали да студира на ФЕИТ или Германија. Избра да биде дел од нашето семејство, што ни е особена чест. Кандидатите што се пријавени се со задоволителен успех што ме радува особено – вели деканот на ФЕИТ, Миле Станковски.

И на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) се задоволни од првиот ден од уписите.

– ФИНКИ веќе неколку години запишува од 600 до 700 нови студенти, а првиот ден покажува дека можеби ќе имаме и благо зголемување на таа бројка. Има голем интерес за насоките „Компјутерски науки и инженерство“ и „Примена на е-технологии“, но добра е состојбата и со сите шест студиски програми – вели деканот Иван Чорбев.

На Економскиот факултет, пак, уште во првиот ден од првиот уписен рок се пријавиле над 800 студенти, што е најдобар резултат во последните неколку години.

– Имаме над 800 пријавени студенти, што значи дека уште во првиот рок ќе ги пополниме квотите. Дури размислуваме да бараме од Владата проширување на квотите. Се покажува дека нашиот факултет држи до квалитет и реноме и дека студентите тоа го препознаваат – изјавил деканот, Љубомир Дракулевски.

На Технолошко-металуршкиот факултет денеска се пријавиле 100 кандидати, но очекуваат и утре кандидати да донесат документи бидејќи повеќе се пријавени електронски.

– Бројката е во рамки на очекуваното, задоволни сме, но очекуваме уште кандидати и во вториот и третиот уписен рок. Најатрактивни насоки за студентите се „Дизајн и инженеринг на облека“, „Прехрамбена технологија и биотехнологија“ како и „Инженерство на материјали и нанотехнологии“ – вели професорот Игор Јорданов.

И на Машинскиот факултет годинава се пријавиле повеќе кандидати за разлика од лани. Деканот Атанас Кочов вели дека се задоволни од уписите.

– Имаме пријавено 304 кандидати во првиот ден, што е повеќе од лани. Задоволни сме од бројката. Најмногу има интерес за енергетските насоки, за „Моторни возила“ и за „Производно инженерство“ – вели Кочов.

На Скопскиот универзитет место има за 10.535 студнети. Износот за партиципација е 200 евра во државна квота, 100 евра за дисперзираните студии и од 100 до 400 евра за кофинансирање и за вонредни студии. Првиот уписен рок завршува утре, вториот уписен рок на УКИМ е 5 септември, а на факултетите на кои ќе останат слободни места ќе има и трет рок на 15 септември.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...