Фото:. www.ukrinform.net/

Најмалку осум лица загинаа, а уште четворица се ранети од руско гранатирање врз автобуска станица во Украина во четвртокот, според украинскиот регионален гувернер. Меѓу ранетите има и три деца, пренесе Еуроњуз.

Артилериски гранати истрелани од Русија денеска околу 11 часот по локално време го погодија источниот украински град Торецк, изјави гувернерот Павло Кириленко. Hа Телеграм, Кириленко напиша дека руски гранати погодиле јавна автобуска станица, каде што била собрана толпа луѓе.

Во нападот е оштетена локалната црква, а повреден е свештеник, а оштетени се и околните високи згради.

„Руските окупатори удираат цивили секој ден, секој ден имаме мртви и ранети“, напиша Кириленко и нагласи дека сите оние кои се уште остануваат во Доњецк се ставаат во смртна опасност.

Тој ја заврши пораката со апел до сите жители во областа да побараат безбедност на друго место.

„Не се претворајте во руска мета“, рече Кириленко „Евакуирајте се на време“.

Ндриј Јермак, шефот на кабинетот на украинскиот претседател, го опиша нападот како „уште еден терористички чин“ од Русија, повторувајќи ги повиците до другите нации да ја означат Русија како држава спонзор на теророт, што би можело да дозволи дополнителни санкции против Москва.

Русија претходно негираше дека целела цивили и ги отфрли наводите на Киев дека извршила воени злосторства во Украина.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во јули повика „специјален суд“ за да ги истражи можните злосторства извршени од страна на руските војници врз цивили за време на меѓународната конференција за воени злосторства во Хаг.

Од почетокот на руската инвазија на 24 февруари 2022 година, Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на ОН (ОХХР) има регистрирано 11.152 цивилни жртви во Украина, вклучувајќи 4.889 убиени и 6.263 повредени.

Од убиените, според ОХХР, има 1.862 мажи, 1.264 жени, 137 девојчиња и 157 момчиња, како и 41 дете и 1.428 возрасни чиј пол уште е непознат.

Вистинската бројка веројатно ќе биде многу поголема бидејќи конфликтот им отежнува на властите да регистрираат цивилни жртви.

 

Напишете коментар