Автомобил влета во насобраните луѓе на божиќен панаѓур во источо германскиот град Магдебург во петокот вечерта, од што загинаа најмалку две лица и уште најмалку 60 се повредеени.
Возачот беше уапсен кратко по инцидентот, кој се случи околу 19:00 часот кога панаѓурот беше полн со купувачи, објави агенцијата Асошиејтед прес.
„Осомничениот е 50-годишен саудиски доктор кој се преселил во Германија во 2006 година“, изјави Тамара Циешанг, министерка за внатрешни работи на државата Саксонија-Анхалт. Тој практикувал медицина во Бернбург, на околу 40 километри јужно од Магдебург.
„Како што стојат работите, тој е единствен извршител, така што, колку што знаеме, нема понатамошна опасност за градот“, изјави гувернерот на Саксонија-Анхалт, Рајнер Хаселоф, пред новинарите.
Петнаесет од повредените се многу сериозно повредени, според владините официјални лица и веб-страницата на градските власти.
Германската новинска агенција ДПА, објави снимка од очевидци на која се гледа апсењето на осомничениот. Полициски службеник го имаше вперено своето оружје кон осомничениот и му се обраќаше додека тој лежеше на земја. Наскоро пристигнаа и други полициски службеници за да го одведат во притвор.
Двете лица кои се потврдени како загинати се возрасен маж и малолетник, но официјалните лица не исклучуваат и дополнителни смртни случаи бидејќи 15 лица се тешко повредени.
Насилството се случи во Магдебург, град кој се наоѓа западно од Берлин и е главен град на Саксонија-Анхалт со околу 240.000 жители. Пред осум години исламистички екстремист влета со камион во преполн божиќен панаѓур во Берлин, при што загинаа 13 лица, а многумина беа повредени. Напаѓачот беше убиен неколку дена подоцна во престрелка во Италија.
„Моите мисли се со жртвите и нивните роднини. Ние стоиме покрај нив и покрај народот на Магдебург“, напиша германскиот анцелар Олаф Шолц на социјалната мрежа.
По трагичниот напад, порака со сочувство и поддршка за германскиот народ изрази и македонскиот министер за надворешни работи, Тимчо Муцунски.
„Моите мисли се со жртвите на нападот на божиќниот пазар во Магдебург и нивните најблиски во овој тежок момент. Искрено посакувам брзо и целосно закрепнување на повредените“, напиша Муцунски на социјалните мрежи. „Стоиме во солидарност со Германија, потврдувајќи ја нашата посветеност на мирот, безбедноста и единството,“ додаде тој.