Најмалку четири лица загинаа во Киев откако руски дрон проби станбена зграда во источниот дел од градот при серија ноќни напади што го погодија украинскиот главен град и други региони. Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги осуди нападите како „подли и планирани“ и истакна дека Русија лансирала околу 430 дронови и 18 ракети, нанесувајќи штета врз десетици станбени блокови, објави Би-би-си.
Спасувачките екипи пребаруваат низ урнатините, додека од оштетените катови се отстрануваат делови од ѕидови и стакло.
Пожари и рушевини предизвикале штета на други висококатници, како и на болница, училиште и административни објекти.
Официјалните власти соопштија дека делови од Киев останале и без греење поради оштетување на енергетската инфраструктура.
„Нападот беше масовен, со дронови, со балистички ракети, со голем ангажман на противвоздушната одбрана“, изјави украинската пратеничка Лиза Јаско за Би-Би-Си, опишувајќи ја ноќта како исклучително тензична.
Паралелно со руските напади, украинските сили изведоа ноќен удар врз рускиот град Новоросијск. Пожар избувнал во големиот нафтен терминал Шесхарис, а оштетени се и брод и станбени згради. Гувернерот на Краснодар, Вениамин Кондратјев, соопшти дека четворица мажи биле повредени.
Зеленски објави дека Украина користела крстосувачки ракети „Long Neptune“, но не откри кои цели биле погодени. Градоначалникот Андреј Кравченко прогласи вонредна состојба, а според Ројтерс, извозот на нафта од терминалот бил привремено запрен.
Украинскиот претседател повторно апелира за заострување на санкциите врз руската енергетска индустрија.
