Најмалку девет лица, меѓу кои осум полицајци и еден пожарникар, беа повредени по експлозија која се случи на бензинска пумпа во источен Рим, соопштија италијанските власти, пренесува Ројтерс.

Силната експлозија кај дистрибутерот на бензин, дизел и течен нафтен гас (LPG) во населбата Пренестино се слушнала низ целиот италијански главен град. „Работиме на експлозија на резервоар… пожарот сè уште е во тек“, соопшти противпожарната служба, додавајќи дека еден од нивните службеници е хоспитализиран.

Итни служби биле на местото на настанот пред експлозијата, бидејќи биле повикани откако камион удрил во цевковод кај бензинската пумпа, објавија италијанските новински агенции. Тие додадоа дека пожарот се проширил на блиското депо, додека ударниот бран од експлозијата ги оштетил блиските згради.

Осум полицајци се повредени, изјави официјален претставник, а повредени се и работници на брзата помош и минувачи, објавија новинските агенции, без да наведат бројки. Итни служби соопштија дека пет лица се однесени во болница.

Премиерката Џорџија Мелони ја следеше ситуацијата, се вели во соопштението од нејзиниот кабинет.