Најмалку 45 Палестинци денеска беа убиени во израелски воени воздушни напади низ Газа. Повеќето од нападите го таргетираа северот на појасот, пренесува Гардијан.
Најмалку 20 лица загинаа по воздушен напад врз куќи во Џабалија, најголемиот од осумте историски бегалски кампови во Газа. Девет лица загинаа во напад врз училиште во кое престојуваа раселените палестински семејства во градот Газа, во рамки на бегалскиот камп Шати. Дваесет други лица беа повредени, а многумина се во критична состојба, соопштија медицинските лица од Газа.
Тројца локални новинари, наводно, се меѓу убиените во училиштето во кампот Шати: Саед Радван, шеф на дигиталните медиуми на телевизијата Ал Акса, Ханин Баруд и Хамза Абу Селмеја. Со нивната смрт, вкупниот број на убиени новинари во Газа од октомври минатата година се искачи на 180.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) ја започнаа разорната офанзива врз северна Газапред околу три недели. ИДФ вели дека нивната цел е да се спречат борците на Хамас да се прегрупираат. Палестинските жители, пак, велат дека секојдневно гледаат како израелските војници опседнале засолништа, ја срамниле цивилната инфраструктура, ги принудиле раселените луѓе да заминат без притоа да се разјасни кое место во северот е безбедно.
Најмалку 800 Палестинци се убиени во северниот дел на Газа од обновената офанзива што израелската војска ја започна на почетокот на овој месец, велат здравствените работници во Газа.