Најмалку 13 лица загинаа, а повеќе од 15 се повредени во пожар што денеска избувна во неколку високи станбени згради во населбата Тај По, во северниот дел на Хонг Конг, пишува Гардијан.

Пожарот брзо се проширил низ згради, при што густ сив чад се издигнувал од објектите додека противпожарните екипи се обидувале да го изгасат пожарот.

Полицијата соопшти дека повеќе луѓе останале заробени во зградите, а две лица се во критична состојба со тешки изгореници. Дел од пожарникарите, исто така, се повредиле при интервенцијата.

Пожарникарската служба соопшти дека девет лица починале на лице место, а уште четири во болница. Петнаесетмина се повредени, од кои двајца се во сериозна состојба.

Жител кој поседува стан во комплексот изјавил дека многумина останале без дом и дека властите мора да најдат решение за нивно згрижување.

Пожарот избувнал во 14:51 часот по локално време во комплексот Ванг Фук, составен од осум станбени блока со околу 2.000 станови.

Поради пожарот, сообраќајните власти го затвориле дел од важната сообраќајница Тај По Роуд, а автобусите биле пренасочени.

Истрагата за причините на пожарот сè уште е во тек.