Најмалку 11 загинати и десетици исчезнати во две бродски несреќи во Медитеранот

Десет тела биле пронајдени вчера во долната палуба на дрвен чамец во централниот дел на Медитеранот од страна на спасувачите од Надир, брод управуван од германската добротворна организација „ResQship“. Организацијата соопшти дека спасила 51 лице кои се наоѓале на бродот што тоне, за кој се верува дека тргнал од Тунис

Лампедуза, Италија / фото: Photo by Ron Dauphin on Unsplash

Најмалку 11 лица загинаа, а десетици се водат како исчезнати и се стравува дека се мртви, во две одделни бродски несреќи во близина на италијанскиот брод, соопштија спасувачките служби во земјата, а пренесе Гардијан.

Десет тела биле пронајдени вчера во долната палуба на дрвен чамец во централниот дел на Медитеранот од страна на спасувачите од Надир, брод управуван од германската добротворна организација „ResQship“. Организацијата соопшти дека спасила 51 лице кои се наоѓале на бродот што тоне, за кој се верува дека тргнал од Тунис.

Во друг случај, 66 лица, меѓу кои најмалку 26 деца, вчера беа пријавени за исчезнати во бродолом во Јонското Море на околу 160 километри од брегот на Калабрија во јужна Италија. Дванаесет луѓе биле спасени од трговски брод и однесени во пристаништето Рокела Јоника, а од нив, една жена подоцна починала.

Според извештаите во италијанските медиуми, тие патувале со едрилица што тргнала од Турција, а на бродот се наоѓале лица од иранска, ирачка и сириска националност.

Италија е една од главните места за луѓето кои се обидуваат да стигнат до Европа, а централниот медитерански пат се смета за еден од најопасните во светот. ОД 2014 година, Обединетите нации регистрирале над 20.000 смртни случаи и исчезнувања на оваа рута.