Најголем напредок кај Ромите е направен во однос на образованието, како и во обезбедувањето на трајно решение на граѓанскиот статус на Ромите што не се евидентирани во матичните книги во државата. Најгорллив предизвик е обезбедувањето здравствената заштита и осигурување на Ромите, ниското ниво на застапеност во јавниот сервис, во културата и несразмерно учество на Ромите во општествено -политичкиот живот.
Ова се дек од заклучоците во извештајот за состојбата со напредокот во инклузијата на Ромите во Република Северна Македонија. На денешната презентација присуствуваа министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Амбасадорот Килијан Вал и министерот без ресор задолжен за инклузија на Ромите, Шабан Салиу.
„Сè уште треба да се работи на подобрување на состојбата за отстранување на стереотипите и предрасудите кон Ромите во сите сегменти на општествено–економско живеење во Северна Македонија“, наведено е во извештајот.
Министерот Лимани истакна дека почитувањето на човековите права и слободи е темел на демократијата, а во таа насока најголема одговорност за нивното почитување ја имаат оние кои носат одлуки, кои го создаваат јавното мислење, но и невладиниот сектор како партнер кој е мост меѓу граѓаните и институциите.
„Република Северна Македонија во регионот, па и пошироко стана пример за земја со традиционално меѓуетничка и меѓурелигиска толеранција и земја во која се почитуваат разликите. Тоа го постигнавме преку политики кои обезбедуваат еднаков степен на вклученост и интеграција на сите етнички заедници,“ посочи Лимани.
Тој истакна дека Ромите играат важна улога во изградбата на инклузивна Европа, како и дека Европската платформа за вклучување на Ромите, започната во 2008 година, има за цел да поттикне соработка и размена на искуства за успешно вклучување на Ромите во политики и практики помеѓу земјите членки на ЕУ, меѓународните организации и ромските претставници на граѓанското општество.