fbpx

Најголемиот балкански фестивал во Брисел во потрага по македонски уметници

-

Вечерва во Брисел завршува деветтото издание на сега веќе култниот фестивал „Балкан трафик“, местото каде секоја година, напролет, се собира разновидна публика во срцето на европската престолнина, за да ги слушне балканските мелодии, да ја проба кујната и вината или да гледа некој филм од регионот.

Секоја година, четири дена се посветени на Балканот, во просториите на „Бозар“, белгиската палата на уметноста, срцето на уметничкиот живот во Белгија.

Иако обично организаторите на фестивалот настојуваат настанот да биде посветен на откривањето помалку познати музичари од регионот, одвреме-навреме, како оваа година, некоја голема ѕвезда прифаќа да настапи.

За ова издание тоа беше Горан Бреговиќ, кој во интервју за „Мета“, зборува за обвинувањата за „кражба“ на македонска традиционална музика, емотивната поврзаност со Балканот, за ромската култура и музика, но и за политичката контроверза околу негови наводни ставови за Крим и за Русија.
Двочасовниот концерт на Бреговиќ ја преполни престижната сала на палатата на уметноста. Околу 2.200 љубители на човекот кој ја прослави ромската музика – и ја преработи онаа на „Бијело дугме“ – надвор од југословенските граници, воодушевено ја напуштија салата.

„Скокавме како мали деца“, „Супер беше“, „Одлично“, коментираа присутните на излезот од салата. Бреговиќ и групата, составена од две бугарски пејачки и од шест музичари, ги презентираа новите композиции на авторот на музиката на легендарниот андерграунд, но ги почестија и со „добрите стари хитови“: „Месечина“, „Калашњиков“,„Чаје Шукарие“, кои ја кренаа публиката на нозе. Балканската дијаспора уживаше во преработките на песни како „На задњем сједишту мога аута“ и „Шта има ново“ на „Дугме“, а пред крај Бреговиќ ја отсвири и италијанската партизанска „Бела чао“, добродојдено скршнување од добро познатите патишта на балканските мелодии.

„Брега“ беше ѕвезда, но, организаторот и иницијатор на фестивалот, Николас Вирс, сака да се знае дека „Балкан трафик“ нуди многу повеќе.

Босанската група „Диванхана“ нуди мешавина на традиционалниот босански севдах со џез-примеси. Како и секоја година, фестивалот настојува да презентира големи женски гласови кои пленат како Гркињата Катерина Цириду, но и Трио Мандили од Грузија; Бугарите од Оратница со нивните нетипични миксови на диџериду, драменбејс и традиционални стилови; Унгарците од Сондерго, уште една атипична балканска музичка група.

Покрај музиката, „Балкан трафик“ годинава го презентираше српскиот филм „Парада“, заедно со европарламентарката Улрике Луначек, една од најгласните поддржувачи на правата на ЛГБТ-заедницата во Европа.

Беа организирани и ателјеа со поддршка на бриселските градски власти, кои оваа година беа посветени на децата Роми за да се презентира реалноста на животот на ромското население на Запад, да се одговорат клучни прашања за нивната социо-економска реалност.

Иако „Балкан трафик“ има амбиција да биде многу повеќе од музички фестивал, музиката останува срцето на овој проект, кој почна од љубовта на Вирс кон Балканот, каде патувал неколкупати и каде се вљубил во локалната музика, кујна и традиција.

Со околу 6.000 посетители годишно, со врв на посетеност од 8.000 како во 2013 година, „Балкан трафик“ стана неизбежно место за секој љубител на Балканот, но и за дијаспората од сите тие земји.

– Имаме три вида публика: дијаспорите од регионот, локалните Белгијци и таканаречените „експатс“, вработените во меѓународните и во европските институции. Секој го чувствува фестивалот на свој начин. За балканските заедници е важно, ете, на пример, еднаш добив трофеј од албанската заедница затоа што за нив беше важно што „Балкан трафик“ го покажува Балканот на друг начин од оној вообичаениот, среќни се што нивната култура се презентира и се почитува. Исто така, секоја година, Кристилина Георгиева, потпретседателка на Европската комисија, доаѓа да презентира бугарска група затоа што е свесна за потенцијалот на фестивалот. Доаѓаат и европратеници како Лучанек, Тања Фајон, итн. А Белгијците, оние со кои највеќе дружам, тие знаат дека ќе дојдат да откријат нешто ново, ќе играат, им се допаѓа таа мешавина на јазици, за нив е егзотично, ја сакаат атмосферата – ни раскажува Вирс.

Но, како и често на овој фестивал, впечатокот е дека македонската музика и култура се најмалку застапени.
Досега биле гости Есма Реџепова, Тони Китановски, „Шутка Рома рап“ и неколку други, но за разлика од другите земји, Македонија најтешко наоѓа пат до „Балкан трафик“, а уште потешко оние помалку славни групи или музичари.
Вирс ни раскажува дека се мислел да го покани и Кирил Џајковски.

– Две-три години се мислам и на крај си велам дали вреди да ја истакнувам македонската култура преку таков диџеј? Мислам, знаете, на сите им е малку смачено од тоа, тоа е од оние музики кои им се допаѓаат на сите, а всушност никому не му се допаѓа – вели Вирс.

Проблемот е што организаторите немаат никаков контакт со Македонија.

– Имав добар контакт со поранешен прв секретар во македонската амбасада пред неколку години, но тој замина. Барав и од поранешниот амбасадор Мухамед Халили, но тој или ми нудеше фолклорни групи или ми велеше секогаш „Да, да, Николас, да, да…“ – се жали Николас Вирс на контактот со Македонците.

За разлика од другите балкански земји, Македонија овде е застапена само преку амбасада, културни и уметнички друштва нема, ниту, пак, какви било други облици на здружување на дијаспората во Белгија. Всушност, не е познато точно колку македонски иселеници живеат овде и повеќето меѓусебно вешто се избегнуваат.

– Затоа би сакал да пуштам еден повик во Македонија да се пријават уметници или продуцентски куќи за наредните изданија, тоа навистина многу би ми значело. Сите заедници имаат мој контакт – Босанците, Унгарците, Србите, Романците, но со Македонците секогаш било потешко – вели Вирс.

За „Балкан трафик“, истакнува Вирс, не е потребно уметниците да свират традиционална музика, ниту мора да е типична за регионот. Сите стилови се добредојдени, од рап до рок, преку панк или електронска музика, целта е токму помалку познатите квалитетни музичари да бидат откриени.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...