Најголем предизвик за студентите е да останат во сопствената земја откако ќе дипломираат

Студентски дом Гоце Делчев
Студентски дом „Гоце Делчев“, Скопје / фото: Мета.мк (септември 2021)

Дигитализација на универзитетите, поголема поддршка и помош од државата, квалитетна практична настава, иновативен пристап од професорите и поголем буџет за високото образование, бараат студентите во земјава.

Нивните барања ги упатуваат на Меѓународниот ден на студентите, 17 ноември. Овој датум ја одбележува годишнината од нацистичкиот упад на Универзитетот во Прага во 1939 година, кога биле убиени осуммина студенти и еден професор, а над 1.200 студенти биле испратени во концентрациони логори, по што биле затворени сите чешки универзитети.

Иако денес универзитетите и студентите не се нападнати од нацистите, сепак продолжуваме да го одбележуваме овој ден, зашто студентската борба сè уште трае, вели Ева Цветковска, претседателка на Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УСС УКИМ).

„Потребна ни е поголема финансиска автономија и да се ослободиме од постојаното зависење од милион спори и тромави институции, или пак од политичката ситуација, која на крајот на денот навистина не треба да нè засега. Моментално законите и бирократските процедури нè ставаат во позиција да мораме да зависиме, да чекаме и да се молиме, и на овој начин се задушува нашиот глас кој инаку би одекнал“, вели Цветковска.

Студентски оброк и покачени стипендии, но трошоците притискаат

На прашањата што беа поставени на страницата „Студентарија“ на Инстаграм, студентите ги истакнаа најголемите предизвици со кои се соочуваат на патот до стекнување диплома.

Според одговорите, студентите најмногу се загрижени за тоа како финансиски да ги истуркаат студентските денови.

Од годинава, среде здравствената криза, Министерството за образование и наука (МОН) воведе низа мерки за помош на студентите, меѓу кои покачени стипендии и субвенциониран студентски оброк.

Овие мерки се од голема помош за студентскиот живот, но финансискиот товар потребен за студирање нè притиска, велат студентите.

„Најголем предизвик е да преживеам како студент. Редовен студент сум, а истовремено работам за да ги покријам трошоците за студии. Претешко ми е, но не се откажувам“, вели една од студентките.

„Стипендиите и субвенционираниот оброк како плус приходи се од голема помош. Но, социјалната стипендија е мала. Сумата која ја добиваме не е доволна за да се купат книги и потребните работи за да се студира, а камо ли за студентски живот“, вели друга студентка.

Финансискиот товар, според студентската лидерка на УКИМ, треба да го преземе државата.

„Финансискиот товар кој го сносат студентите за да ги поминат студентските денови, треба да го преземе државата. Ако приоритет на една држава е паметна младина, тогаш треба да инвестираат во нас и да ни ја овозможат комоцијата да се посветиме на нашите студии, зашто немаме време и да се вработиме и да учиме“, вели Цветковска.

Онлајн настава без пракса, немотивирани студенти и кадри

Проблем при студирањето е и непостоењето на пракса на голем дел од студиските програми, поради што студентите стравуваат дека ќе останат неуки и неподготвени за излегување на пазарот на трудот. Недостатокот на практична настава особено се истакна изминативе две години, кога поради пандемијата, студентите почнаа да следат онлајн настава.

Онлајн настава / Фото: Принтскрин

„Јас сум студент на Факултетот за медицински науки при УГД, но не можам да се наречам иден физиотерапевт, затоа што го немам најважното, ја немам праксата, немав учител до мене да ми сугерира и да ми каже дека тоа што го правам не е правилно. Утре ќе лечиме луѓе, но како? Секој факултет има своја тежина, секому му е потребна пракса“, вели студентка на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“.

Онлајн наставата, која во моментов е најчест модел на настава на факултетите низ земјава, негативно влијае врз квалитетот на образованието. Студентите велат дека немаат мотивација ниту волја за учење и следење на предавањата, а признаваат и дека при полагањето на испитите од дома прибегнуваат кон препишување. На професорите, пак, велат дека им недостасува креативност и иновативен пристап при презентирањето на лекциите.

Со ова се согласува и Цветковска, која вели дека се плаши оти онлајн наставата ќе прерасне во уште поглем предизвик во иднина, со кој овие генерации на студенти ќе треба да се соочуваат заради моменталната ситуација.

„Онлајн наставата сериозно влијае врз квалитетот на високото образование и се надевам дека што поскоро ќе се изнајдат начини за враќање со физичко присуство за да се амортизираат последиците. Покрај квалитетот на високото образование, паѓа и мотивацијата кај студентите, која во голема мера според мене зависи од дружбата и чувството на бидување студент и заедништвото кое треба да го одбележува овој период од нашите животи“, вели Цветковска.

Студентскиот стандард полека се гради, студентите да продолжат да ги “замараат” институциите

Мислењата на студентите околу студентскиот стандард се поделени. Повеќето се согласуваат дека мерките кои властите ги преземаат за поддршка на студентите значително го олеснуваат животот погоден од здравствената криза, но потребно е системот за поддршка да биде поорганизиран.

„Ако студентскиот стандард до пред некоја година беше срушена зграда со оставени сите рушевини нерасчистени, сега сме во процес на чистење на шутот од изминатите години и постепено поставување на темелот кој за идните генерации ќе биде доволно цврст да се издигнеме во права насока над сето она што до сега било уништено. Студентскиот стандард не е на завидно ниво, и неговото подигање не оди преку ноќ, но сепак сметам дека пополека оди на подобро. Наше е да бидеме трпеливи, паметни и многу да замараме“, вели студентската лидерка на УКИМ.

Ева Цветковска
Ева Цветковска, претседателка на УСС УКИМ / фото: лична архива

Цветковска додава дека за разлика од изминатите години кога претставнички тела на студентите биле нелегитимни невладини организации, сега има напредок во однос на слухот од страна на институциите за нивните барања.

„Соработката и слухот зависат од институција до институција, и од прашање до прашање. Ние се изборивме и извршивме притисок да бидеме застапени во рамки на органите на Универзитетот кои ги носат одлуките кои директно нè засегаат, односно од редот на студентите има полноправен член на Ректорската управа, 9 сенатори во Универзитетскиот Сенат и пропорционален број на членови од редот на студентите во работата на комисиите на Универзитетот. На овој начин оставаме многу малку простор за манипулација и се позиционираме себе како носители на одлуки. Нормално, има прашања за кои сè уште немаме одговор и продолжуваме да притискаме за нивна реализација, но сега за сега можам да кажам дека соработката со УКИМ е во ред и има простор за напредок“, појаснува Цветковска.

Од страна на државните институции, реакциите варираат – некогаш се позитивни, некогаш негативни и неретко, задоцнети. Студентите најмногу му замеруваат на МОН за начинот на кој им го „сервира“ студентскиот оброк – со системски грешки и опомени пред тужба.

„Свесни сме дека живееме во држава со неспособна и закржлавена администрација, па нешто што навидум изгледа лесно и едноставно, се одолговлекува и наидува на постојани проблеми во неговата реализација“, вели Цветковска.

Таа додава дека студентите имаат членови во телото Млади МОН кое служи како канал за насочување на нивните барања до Министерството. Субвенционираниот студентски оброк и покачувањето на стипендиите биле барањата кои тие ги наметнале со Декларацијата за млади, образование и иднина, а МОН ги прифатило.

„Секојдневно наидуваме на проблеми во нивна реализација, но гледајќи на позитивната страна, можам да кажам дека овие две мерки ги поставуваат темелите за подобрување на целата ситуација“, вели Цветковска.

Цветковска додава дека инсистираат и на зголемување на буџетот за образование, кој во земјава во моментов изнесува 3,5 отсто од буџетот, додека стандардот во развиените европски земји изнесува 5 отсто.

„На македонскиот јавен високообразовен систем му е потребен нов систем за финансирање на високото образование. Државата треба да развие нов механизам за финансирање на високообразовните институции, кој ќе ја обезбеди финансиската автономија на универзитетите, а воедно ќе ја гарантира и финансиската стабилност и одржливост на долг рок, зашто моменталната негова неефикасност најмногу се одразува на квалитетот на образованието и стандардот на студентите“, тврди Цветковска.

Инаку, за студентите, најкорисна мерка која тие ја уживаат е бесплатниот градски превоз во Скопје, за кој велат дека претставува големо олеснување за студентскиот буџет. Бараат враќање и на бесплатните студентски билети за воз, како и враќање на попустите за посета на театри, кина и музеи.

Но, што откако ќе се дипломира?

Според одговорите на прашањата, најголем дел од студентите се исправени и пред предизвикот како да останат во сопствената земја, кога заминувањето од неа им нуди подобар живот и просперитет.

Вратите кон Западот се отворени и не е тешко да се поминат, а домашните институции и компании не прават доволно за да ги задржат младите.

„Најголемиот предизвик за мене дефинитивно е да се вработам на посакуваното, соодветно работно место според мојата струка кога ќе дипломирам, без да морам да барам врски. Веројатно ќе треба да заминам од земјава, иако премногу ја сакам и сакам да останам овде“, вели една од студентките.

„Го чекам денот кога ќе најдам соодветна работа за она што сум го учел изминативе години“, вели друг студент.

УКИМ
Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), Скопје / фото: Мета.мк

Пораки до институциите

Студентите упатуваат порака до државните институции, под чија закрила се и кои треба да се грижат за нив.

„Да ги сфатат нашите барања сериозно, и да не нè ставаат во позиција да употребуваме непропорционално повеќе притисок од што е потребно за да изреализираме наше барање. Сакам да ја земам оваа прилика да испратам порака и до студентите, дека ни се потребни со нивната поддршка и дека само солидарни и сложни можеме да направиме промена. Ние самите сме студенти, и сме секогаш на нивна страна, отворени за сугестии и критики, и во потреба од помош и поддршка од целата студентска маса“, порачува Цветковска.

Студентите порачаа дека е потребно обновување на материјалите од кои учат, а кои се застарени и содржат непотребни материјали. Бараат дигитализација, интерактивно учење, повеќе програми за младинска и студентска размена, но и повеќе културни настани, библиотеки и читални.

Оние кои студираат на приватни универзитети, упатуваат барање до државата да не ги дискриминира и одлуките што се носат да важат и за нив.

 

Автор: Гоше Николов