Најголем број пријавени македонски граѓани за гласање на референдумот во некоја од амбасадите и конзулатите на Македонија има во Берн – 170 запишани избирачи. Втора е Љубљана – во македонската амбасада таму на референдумот ќе гласаат 137 македонски државјани, објави Државната изборна комисија (ДИК).

Според податоците до 12 часот денеска, преку веб апликацијата www.dijaspora.se​c.mk до ДИК стасале 1.725 пријави од македонски државјани што живеат во странство. Од нив, 1612 пријави се прифатени, 27 се одбиени, а останатите пријави се во обработка.

Најмал број пријави поднесени се за гласање во Киев, Подгорица и Приштина – по една пријава,  и Њу Делхи, Каиро и Доха – по две пријави.

Гласањето во странство ќе се спроведе на 29 септември амбасадите, конзултатите и конзуларните канцеларии на Република Македонија, во кои се прифатени најмалку 10 пријави за гласање.

Инаку, до вчера 3.996 граѓани извршиле увид во Избирачкиот список во некоја од подрачните канцеларии на ДИК во земјава.

Најголем е интересот во Битола – 411, во Струмица за увид дошле 364 лица, во Карпош 300, во Радовиш 217 и во Охрид и Прилеп по 199.

Јавниот увид во Избирачкиот список ќе трае заклучно со четврток, 23 август, до кога можат и да се поднесуваат барања за запишување, промена или бришење на податоци во Избирачкиот список.