За да го поттикнеме еланот кај помладите да вежбаат спортови за самоодбрана, ви претставуваме сцени со тренирање боречки вештини. Во оваа насока, убедливо најреалистична сцена со тренинг е дел од филмот со Џенифер Лопез „Enough”, во кој таа е жртва на домашно насилство и тренира за да се одбрани.
Потоа, следни се сцените со тренинзи во филмот „Кил Бил 2” на режисерот Квентин Тарантино во кој главната улога на Беактрикс Кидо ја толкува Ума Турман. Станува збор за омилен инспиративен филм на жени кои практикуваат боречки вештини. Во стилот на Тарантино, филмот го нагласува насилството како глупава работа.
Една од најефектните тренинг-сцени во филмови воопшто, е тренингот на боречки вештини во првиот дел на филмот „Матрикс“. Филм кој своевремено натера многумина да мислат дека реалниот живот е компјутерска симулација. Иако идејата во филмот не беше оригинална, и денеска е актуелна, но научници како Нил Деграс Тајсон советуваат дека ова е реалниот свет и дека не треба да се губи осет со реалноста.
Филмот сепак имаше и позитивен ефект. Инспирираше многумина да вежбаат различни боречки вештини – едни поради здравствени причини, други поради стекнување вештини за самоодбрана, трети, пак, поради љубов кон одредена вештина или спорт.
Во текот на снимањето на филмот, односно на сцената со Кијану Ривс, тој имал повреда на грбот и затоа не прави многу и високи удари со нозе. Лоренс Фишбурн, иако со многу малку претходен тренинг, покажува детални правилни ставови и правилно изведување на удари со мајсторски потенцијал.
„Матрикс“ учи на ножна техника која е застапена во каратето, но и во кикбоксот и таеквондото. Многу деца, тинејџери па и повозрасни беа инспирирани од тренинг сцената во филмот „Кик Боксер“ со Жан Клод Ван Дам. Ова е маркантната сцена.
Пред Ван Дам да стане ѕвезда, секако го имавме филмот „Карате Кид“ со убедливо најпопуларната тренинг-сцена за боречки вештини на сите времиња.
Пред овој филм, најпопуларен беше Брус Ли и неговите филмови. Најпознат филм беше „Во змаевото гнездо”. Во овој филм истакната е поуката која ја имаше и во „Карате Кид“ – „Секогаш гледај во противникот, дури и кога се поклонуваш”.
Актерите како Ван Дам, Брус Ли или Чак Норис беа исмевани во минатото, па и денес. Сепак, најдобар, најдолговечен и најиздржлив човек кој применува боречки вештини, убедливо е Џеки Чен. Тој прави неверојатни физички подвизи во своите филмови што бараат екстремна физичка подготвеност. Тој е навистина еден од најдобрите борци во филмови со вакви сцени. Во филмот „Gorgeous“, тој во повозрасни години прикажува одлична неверојатна подготвеност за „ножна техника” – удари со нозе, проследена со хумор.
Доста потценета сцена од поновите филмови за Бетмен, е сцената со тренингот за нинџитсу во филмот „Batman Begins“, во кој Бетмен го толкува Кристијан Бејл, а учителот Рас Ал Гул го глуми Лијам Нисон. Сепак, ова е единствена одлична сцена за тренирање на нинџа во блокбастер филм, наспроти други нискобуџетни филмови за нинџи.
Што се однесува до фантазиски филмови, би ја издвоиле сцената од првиот дел на филмот Хајлендер со Кристофер Ламберт и Шон Конери.
За на крај, ја оставивме најсмешната тренинг-сцена во филм, а тоа е изведбата на Крис Фарли во филмот „Beverly Hills Ninja“.
Се надеваме дека овие сцени, без оглед на вашата возраст, ќе ве инспираат да вежбате од љубов кон вашата вештина од избор. Со вежбањето се стекнува самоконтрола во сите животни ситуации, а тренинг за самоодбрана реално може да ви го спаси животот. Но, секако, и самото гледање на филмовите може да пружи едноставна забава.