Денес во Скопје студентите повторно ќе протестираат за правосудниот испит на албански јазик. Студентите Албанци најавија нов протест што ќе се одржи денес, 18 мај 2026 година, во 16:30 часот, пред Камениот мост во Скопјe. Протестот е организиран под мотото „Придружете им се на студентите – сите со еден глас“, а главната порака е заштита на правото на употреба на албанскиот јазик за полагање на стручните испити, пренесува Порталб.мк.
Овој протест следува по еден долг период на незадоволство и студентски иницијативи, вклучувајќи го и протестот одржан на 6 април 2026 година во Скопје, каде што илјадници студенти и граѓани Албанци побараа почитување на јазичните права и можност за полагање на испитот на албански јазик.
Студентите Албанци вчера побараа поддршка од спортисти, уметници и други јавни личности.
„Почитувани спортисти, уметници и јавни личности, вие кои со вашите успеси, талент и работа го направивте секој Албанец горд, денес на студентите им е потребен вашиот глас и поддршка. Овој протест не е против никого. Ова е протест за заштита на албанскиот јазик, нашето достоинство и права како рамноправни граѓани. Во понеделник, 18 мај, во 16:30 часот, со почеток од Камениот мост во Скопјe, да протестираме заедно. На страната на студентите, на страната на Албанците“, се вели во повикот на студентите.
Протестот го поддржа пејачката со албанско потекло, Бебе Реџа, која го нагласи значењето на албанскиот јазик како дел од националниот идентитет и вредностите на соживотот во Северна Македонија, каде што албанскиот јазик е службен јазик заедно со македонскиот.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата работи на решение во врска со барањето на студентите Албанци правосудниот испит да се одржува и на албански јазик, и најави дека наскоро ќе излезат со конкретен предлог.
