Наградени средношколци-автори на стрипови од регионот на конкурсот со тема регионално помирување

Како дел од заедничката имплементација на меѓународниот стрип конкурс „ALL WE ARE SAYING IS GIVE RECONCILIATION A CHANCE“, денеска во Центарот за култура „ГРАДАЦ“ во Рашка, Србија ќе се одржи изложба од сите стрипови пристигнати на овој конкурс на тема регионално помирување. Организација која е носител на овој проект е Стрип центар на Македонија-Велес, информираат тие.

На оваа изложба ќе се изложат сите пристигнати дела од млади автори од Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово на тематскиот стрип.

Исто така, на оваа изложба, како и во специјалниот наменски каталог, вклучени се и некои стрипови кои беа поднесени вон конкуренција.

Инаку, пристигнатите дела од младите автори беа оценети од меѓународно стрип жири составено од уметници од горенаведените земји. Во конкуренција на повеќе од 50 стрипови кои пристигнаа на конкурсот од младите автори, во категоријата основци беа наградени: со прво место Јелена Павловиќ од Белград, со второ место Ангела Ајтовска од Скопје, со трето место Анастасиа Терзиќ од Рашка.

За најдобро сценарио е наградена Ана Мари Пејчиќ од Сараево, додека за најдобар цртеж е наградена Николина Жуљевиќ од Сомбор.

Во категоријата средношколци, најдобра стрип-авторка која го освои првото место е Ана Марија Качева од Скопје, додека жирито втората награда ѝ ја додели на Бојана Лазаровска од Скопје. Анастасија Петровска од Скопје го освои третото место за најквалитетен стрип.

Во категоријата најмлад учесник, наградена е Маја Ќетковиќ од Будва, додека специјална награда ѝ беше доделена на Анастасија Велковска од Скопје.