Наградени 39 проекти на училишта на „Предизвик за млади истражувачи 3“

Триесет и девет проекти на основни и средни училишта од целата држава, се наградени во рамките на јавниот повик „Предизвик за млади истражувачи 3“ кој го спроведува Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со Министерството за образование и наука.

Годинава прворангирано основно училиште е ООУ „Страшо Пинџур“ од Неготино, додека кај средните училишта најдобро рангиран е проектот на гимназијата „Орце Николов“. Наградените училишта од целата земја, ќе работат на проекти поврзани со истражување на полето на биологија, физика и хемија. Директорот на Фонд за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски најави дека поддршката за младите во земјава ќе продолжи.

„И покрај тоа што бевте соочени со здравствена криза, ризици и неизвесност вие решивте да ни одговорите на предизвикот со одлични проекти. Со денешните наградени училишта имаме речиси сто поддржани училишта во кои се вклучени над 800 ученици и ментори. Ние остануваме посветени на поддршката на младите луѓе и понатаму бидејќи вие сте ми вистинска мотивација и инспирација дека оваа земја има одлична иднина,“ изјави Деспотовски на денешната прес-конференција.

Целта на овој повик кој Фондот го спроведува веќе трета година по ред е, поттикнување на креативното размислување кај децата и поддршка за истражувачки проекти базирани на научен метод. Вкупниот буџет на повикот е 6.000.000 денари. Поединечен предлог проект може да добие до 300.000 денари и дополнителни 30.000 денари за ментори, наменети за обуки, семинари, конференции што би придонеле кон поуспешна реализација на проектот.

На прес-конференцијата се обрати и премиерот Оливер Спасовски, кој им честиташе на учесниците и им посака понатамошни успеси.

„Сакам да истакнам дека во вакви времиња, заканата од пандемијата не смее да го исплаши и запре истражувачкиот дух и мотивираноста на учениците да дојдат до нови знаења. Токму во вакви времиња е особено потребни креативноста, љубопитноста, истражувачкиот дух, како и мотивираноста да се постигнуваат нови успеси. Тоа се вредности што одат рака под рака со здравите работни навики и со лидерските особености. Мотивирани млади луѓе се градителите на нашата убава и перспективна иднина. Такви млади луѓе и се потребни и на нашата земја, а такви млади луѓе сте токму вие кои успеавте да стигнете до победничкото место во програмата „Предизвик за млади истражувачи 3“,“ изјави Спасовски.