Наградата за младинско учество на НМСМ ги препознава трудот и ангажманот на младите во општеството

Фото: НМСМ

Во понеделник, на 20 јули истекува рокот за номинации за Наградата за младинско учество кои ја доделува Националниот младински совет на Македонија, во рамки на проектот на УСАИД за граѓанско учество. Наградата се однесува на млади индивидуалци, неформални групи на млади и младински организации кои дале придонес кон општеството преку активно граѓански учество. Нивните активности треба да се реализирани од јануари 2019 година до јуни годинава. По завршувањето на номинациите на 20 јули, ќе се одржи и јавно гласање.

Од Националниот младински совет на Македонија во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско учество, изминатите години имаат доделено награди и препознаено повеќе млади и младински организации за нивните заложби за унапредување на нивните заедници или општеството во целина. Досега наградени се млади кои делуваат во различни сфери, вклучувајќи родова еднаквост, уметност, култура, права на Роми, лица со попречености, итн., што сведочи на фактот дека младите успешно ги адресираат различните општествени проблеми во своите заедници.

Филип Кулаков, Програмски менаџер при Проектот на УСАИД за граѓанско учество во НМСМ / Фото: Лична архива

„Изборот на добитници е особено тежок, бидејќи годишно младите реализираат многу иницијативи и акции, па секоја година ангажиравме комисија од експерти од различни сфери кои работат со млади. Оваа година ќе спроведеме нов процес на селекција на добитниците, со тоа што изборот на добитниците ќе го препуштиме на јавноста“ изјави за Мета.мк Филип Кулаков, програмски менаџер при Проектот на УСАИД за граѓанско учество во Националниот младински совет на Македонија.

Тој вели дека кај номинираните кандидати секогаш доаѓа до израз нивната посветеност и мотивација кон давање на позитивен придонес кон општеството.

„Забележуваме и особено креативни и иновативни пристапи кај младите кои преку своите иницијативи или акции адресираат разни општествени проблеми, што укажува дека младите се спремни да размислуваат „надвор од кутијата“. Она што мене особено ме радува е тоа што нашите номинирани кандидати ги спроведуваат акциите алтруистички, со цел да направат нешто позитивно и корисно за општеството, а ние со нашата Награда им даваме поддршка тоа да го продолжат и платформа погласно го изјаснат сопствениот став“ додава Кулаков.

За него, наградата за младинско учество е едно прекрасно признание за успесите на младите, без разлика дали делуваат индивидуално, како неформална група на млади или во име на младинска организација. Тој смета дека младите многу ретко имаат платформа каде ќе бидат препознаени, поддржани и сослушани.

„На еден начин преку Наградата се обидуваме тоа да го оствариме. Наши претходни добитници ни имаат споделено дека благодарение на Наградата за младинско учество стекнале многу поголема видливост во општеството, и им се отвориле поголем број на можности за соработка со институциите и бизнис секторот“ појаснува тој.

Како НМСМ, тие се стремат за општество во кое младите активно учествуваат во процесите на донесување одлуки, а во следниот период нивните очекувања се успешна имплементација на ново-донесениот Закон за младинско учество и младински политики од јануари годинава.

Мирлинда Алемдар, менаџер за младинско учество при Проект на УСАИД за граѓанско учество вели дека наградата за младинско учество е одлична можност за сите коишто препознале младински инцијативи во нивното опкружување истите да ги номинираат и со тоа да им се оддаде признание за нивниот труд, ангажман и младинско учество.

Мирлинда Алемдар, менаџер за младинско учество при Проект на УСАИД за граѓанско учество / Фото: Лична архива

„Преку оваа награда, се препознава работата на млади поединци, неформални групи и младински организации кои преку своето дејствување во изминатата година и пол имаат покажано посветеност која служи како пример за подобрување на животот во нивните заедници и во општеството во целина“ изјави за Мета.мк, Мирлинда Алемдар.

Таа е децидна дека младинскиот сектор има огромен потенцијал којшто треба да се препознае и да се стави во функција на унапредување на сите општествени процеси и политики. Алемдар вели дека во рамки на младинскиот сектор постои голема експертиза во различни области која што треба да се земе предвид кога се креираат специфични политики и програми кои ги засегаат младите.

Алемдар потенцира дека мотивацијата кај младите да прават промени е секогаш присутна, но како што вели таа, од голема важност е на младите да им се пружат можности и услови за нивно активно делување и учество. За жал, како што додава, можностите не се еднакво присутни низ сите региони во земјата, па поради тие причини, со проектот вклучуваат млади лица од целата земја со цел, нивниот глас да биде слушнат и да можат да го дадат нивниот активен придонес во општеството.

Таа вели дека преку секојдневните контакти и соработка со младинскиот сектор, континуирано се сведоци на голем потенцијал и позитивна енергија, како и желба за унапредување на младинските политики и процеси.

„Од голема важност е сите политики за млади да извираат од потребите на самите млади, а не да се „сервираат“ како готови производи. Бесцелно е да креирате било што за млади доколку за тоа не сте ги вклучиле и консултирале самите млади како активни партнери“ заклучува Алемдар.