Иако нема нафтени полиња нашата држава веќе две децении е извозник на нафтени деривати, што се должи на работењето на неколку поголеми трговци. Анализата на податоците од извозот во изминатава деценија открива континуиран пад на количествата извезени нафтени деривати.

Во минатата година извозот на нафтените деривати изнесувал 140.445 тони, што е намалување за речиси три пати од остварениот извоз во 2009 година од 358.817 тони.

Најголеми извозници на нафтени деривати во 2018 година се рафинеријата „Окта“ со 76,36 осто од извозот, „Макпетрол“ со 15,92 отсто и „ОМ Петрол“ со 6,9 отсто, а останатиот извоз од 0,82 отсто е реализиран од други трговци.

Меѓу главните причини за намалување на извозот се неработењето на нафтоводот Солун – Скопје и на рафинеријата. Имено, во 2009 година преку нафтоводот биле увезени 1.007.084 тони сурова нафта од кои во рафинеријата „Окта“ биле произведени 942.922 тони деривати, од кои добар дел завршиле надвор од земјата.

„Мета“ веќе пишуваше дека нашата земја е една од ретките која на својата територија има нафтовод што не го користи и дека изминува седмата година откако во 2013. беше стопиран транспортот на сурова нафта преку цевката од Солун до Скопје.

Тогаш, од „Вардакс“, мешовитата грчко-македонска компанија која стопанисува со нафтоводот, соопштија дека не можат да откриваат детали околу евентуално рестартирање на транспортот со образложение дека во врска со ова прашање се во тек круцијални преговори со Владата.