Првата фаза од изработката на Студијата за оптимизација на мрежите на линии на автобускиот јавен превоз во Скопје е завршена, а до крајот на септември треба да биде целосно готов стратешкиот документ со кој треба да се реорганизира скопскиот јавен превоз, информираат за Мета.мк од Градот Скопје.
„Во изминатиов период се започна со анализа на постоечката состојба на јавниот превоз во градот Скопје и детална анализа на постоечките автобуски линии“, велат од Град Скопје.
Со изготвувањето на Студијата, планирано е да се направи функционална анализа на постоечката мрежа од јавниот превоз и ќе биде прикажано кои од постојните линии треба да се укинат, кои линии ќе ги изменат своите траси како и потребата од воведување на нови линии.
„Ќе бидат изработени три варијанти на реорганизација на постоечката мрежа. Во оваа студија ќе биде предложен и тарифен систем и ќе бидат подобрени возните редови“, информираат градските власти.
Краен резултат што се очекува од добиената Студија е имплементација нова мрежа на автобуски линии во Скопје, нови возни редови за граѓаните, како и правна рамка за да се усогласат побарувачката со понудата на превозот.
Целокупната понатамошна постапка за реорганизација зависи од варијантата која ќе биде прифатена од Градот Скопје. Имено, првото сценарио ги вклучува двете рути од брзиот автобуски систем – БРТ, втората верзија предвидува изградба на само една од линиите на БРТ, додека третото сценарио е јавниот превоз во главниот град да продолжи да функционира без БРТ.
Постојниот јавен превоз на Скопје и градско-приградските линии кои секојдневно се одржуваат е базиран на студија изработена во далечната 1981 година, при што потребите на граѓаните, како големината и проширувањето на градот тогаш и денес се поприлично изменети.
Од Градот Скопје велат дека со оптимизација на постоечката мрежа на линии ќе се добие поквалитетна услуга за патниците што го користат јавниот превоз, поголема брзина на превоз, намалување на времето на патување, а од друга страна намалување или минимизирање на трошоците на транспорт за ЈСП и приватните превозници.
„Со оваа оптимизација нерантабилните линии ќе се реорганизираат. Исто така повеќе граѓани ќе имаат пристап до јавниот превоз и ќе се зголеми бројот на превезени патници“, појаснуваат од Град Скопје.
Студијата за оптимизација на мрежите на линии на автобускиот јавен превоз во Скопје ја изготвува конзорциумот меѓу израелската компанија РОМ Транспортејшн и англиската ГСТЦ ЛТД, за што се вложени 322.530 евра преку обезбедените средства од Европската банка за обнова и развој. Договорот за нејзина изработка беше потпишан на 1 јуни лани, а на тендерот учествуваа 17 различни консултантски организации од областа на транспортот.
Мета.мк веќе подолг период наназад пишува дека јавниот превоз во Скопје низ годините губи патници, коишто првенствено се преориентираат кон користењето автомобили. Според податоците од ЈСП-Скопје што Мета.мк ги доби од ова јавно претпријатие, лани во Скопје биле превезени 29.797.190 патници од ЈСП и од приватните превозници.
Услугите само на ЈСП во 2021 година ги користеле 23.135.530 патници. Неколку години претходно, во 2014 година со автобусите на ова јавно претпријатие биле превезени 52,9 милиони патници. Огромниот пад на бројот на патници во 2021 и 2020 година се должи на ковид-19 пандемијата, полициските часови, работењето од дома и онлајн наставата, како и стравот на дел од граѓаните дека ќе се заразат со корона вирус ако користат јавен превоз.
Сепак, Мета.мк во соработка со Студентарија минатиот месец направија анкета меѓу младите во земјава за користењето на јавниот превоз, која што покажа дека ковид-19 пандемијата не е единствената причина поради која што јавниот превоз не е атрактивен за младите.
Онлајн анкетата се состоеше од шест прашања, на кои одговор дадоа приближно 5.208 испитаници, во најголем дел на возраст од 17 до 26 години. Како најчести причини поради кои младите не би го користеле јавниот превоз, во нашата анкета ги наведоа нечистите автобуси/комбиња (27 отсто), лошиот и нередовен возен ред (26,1 отсто) и гужвите во автобусите (22,7 отсто).
Да потсетиме, студентите и средношколците со години наназад ја користат поволноста во Скопје за бесплатни билети за користење на јавниот превоз, така што тие се и една од најверната категорија на патници во автобусите. Но, нашата анкета на прашањето „Доколку би имале можност за избор, кое превозно средство би се одлучиле да го користите најмногу во моментов?“, покажа дека високи 60 отсто од младите би избрале автомобил за своите патувања.
На прашањето за тоа кое превозно средство би се одлучиле најмногу да го користат по 10 години од сега, дури 81,4 отсто од младите го избраа автомобилот во нашата анкета.
Исто така, во делот на македонскиот главен град, податоците за мислењето на младите лица се совпаѓаат со официјалните податоци за кои Мета.мк веќе пишуваше, и тоа за намалувањето на брзината на движење на автобусите, како и за намалената ефикасност на јавниот превоз во Скопје. Оттука, изработката на Студијата, т.н. BRS (Bus Restructuring Study) што треба да биде готова до крајот на септември му е повеќе од неопходна на Скопје.