fbpx

Надзорот прави пресек на сработеното, пругата Куманово-Бељаковце ќе продолжи да се гради догодина

-

Откако германската компанија „Вибе“ како изведувач се одлучи да го раскине договорот за изградба на пругата Куманово-Бељаковце, надзорот над градежните работи на овој проект започна активности за изготвување на пресек на завршените работи. Досега се реализирани 55 отсто од физичките работи за изведба на пругата на терен, а по изготвувањето на пресекот, ќе биде изработена тендерска документација и ќе се распише нов тендер за избор на изведувач во согласност со правилата на Европската банка за обнова и развој, информираат за „Мета.мк“ од Јавното претпријатие за железничка инфраструктура на РСМ.

Од претпријатието посочуваат дека надзорниот инжинер има валиден договор со нив и интензивно работи во моментов на изготвување на пресекот на она што досега е сработено од германската компанија „Вибе“.

– Имајќи ги предвид процедурите и вообичаените временски рамки поврзани со меѓународните повици за избор на изведувач, продолжувањето на изградбата на пругата Куманово-Бељаковце се очекува да започне во текот на 2021 година – информираат од ЈП за железничка инфраструктура на РСМ.

Од Министерството за транспорт и врски за „Мета.мк“ велат дека Владата очекува од јавното претпријатие во најкраток временски рок да ги подготви сите документи потребни за објавување на нова постапка за избор на изведувач и надзор.

„Мета.мк“ повеќе од еден месец во четири наврати испрати електронска пошта со прашања за барање за објаснување на причините за повлекување од проектот до централата на компанијата „Вибе“ во Германија, но не добивме никаков одговор од досегашниот изведувач на пругата.

Од Јавното претпријатие за железничка инфраструктура велат дека прекинот на градежните работи на првата фаза од изградбата на железничкото поврзување со Бугарија нема да влијае на започнувањето на работите на втората фаза за изградба на пругата од Бељаковце до Крива Паланка. Тие сметаат дека градежните работи можат да се одвиваат паралелно на двете железнички делници во наредниот период, со првичен фокус на изградба на структурите на втората фаза. Во тек е тендерот за избор на најповолен изведувач што ќе ја гради железничката делница од Бељаковце до Крива Паланка.

Изградбата на пругата од Куманово до Бељаковце е стопирана откако на 29 мај годинава изведувачот „Вибе“ доставил известување за раскинување на договорот за изведба на овој проект. Од јавното претпријатие како инвеститор во проектот за „Мета.мк“ тогаш изјавија дека изведувачот и претходно поради слабиот човечки и технички капацитет и недоволната ангажираност на терен, со забавена динамика ги изведувал работите на терен.

Пругата Куманово-Бељаковце со својата должина од 30,8 километри е прва фаза од проектот за железничко поврзување со Бугарија. Оваа делница треба да обезбеди зголемен обем на превоз на патници и стоки со возови од кумановскиот регион, додека во следните две фази од проектот, со пруга треба да се поврзат Кратово и Крива Паланка, додека Македонија со заеднички тунел кај граничниот премин Деве Баир треба конечно железнички да се поврзе со нашиот источен сосед.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Нови 46 нови случаи на пертусис, од нив 9 се хоспитализирани

Во периодот од 12 до 18 април, пријавени се 46 нови случаи на голема кашлица, со зголемување од 4,5 отсто споредено со претходниот седмодневен период, информира одделот за епидемиологија...