Надминат е прагот за алармирање од ПМ-10 честички во воздухот во Скопје и Струмица

Аерозагадувањето во Скопје. Фото: Архива на Мета.мк

Граѓаните дишат енормно загаден воздух изминативе денови, а институциите и политичките партии си ја префрлаат меѓусебно вината за аерозагадувањето во Скопје, но и во останаттие градови.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање попладнево информираа дека е надминат прагот на алармирање за суспендирани ПМ-10 честички во воздухот, поради тоа што во текот на два последователни дена е надмината вредноста од 150 микрограми на метар кубен на четири локации во Скопје – Центар, Гази Баба, Лисиче и Ректорат и во Струмица.

Среднодневните концентрации на ПМ-10 честички на мерните места, каде има појава на надминување на праг на алармирање, се движеле во износ од 305 микрограми во Струмица на 25 декември и 261 микрограми на метар кубен на 26 декември. Во Скопје, најзагаден воздух со ПМ-10 честички 267,66 микрограми имало во Лисиче на 25 декември и 221,27 микрограми на метар кубен биле измерени на идентичната локација на 26 декември.

Од граѓанската 02 иницијатива на Фејсбук вчера се пожалија дека праговите на алармирање биле надминати во Куманово, Тетово и Струмица, каде што веќе требало да се преземат посебни мерки. Тие апелираат до сите надлежни институции – Министерството за животна средина и просторно планирање, Институтот за јавно здравје и Градот Скопје редовно да ги информираат граѓаните за надминување на праговите за информирање и алармирање, со што граѓаните би добиле навремени информации за алармантното аерозагадување.

Со реакции за загадувањето на воздухот се јавија и од политичките партии и од Градот Скопје, кои меѓусебно се обвинуваат за тоа кој што не направил во рамките на своите надлежности.

Од СДСМ велат дека градоначалничката Данела Арсовска за Секторот за животна средина во Буџетот на Градот за 2022 година предвидела три пати помалку средства во споредба со оваа 2021 година.

„Иако градоначалничката Данела Арсовска ветуваше инвестиции во животната средина и борба против аерозгадувањето, таа го намалува буџетот за животна средина од 213 милиони денари, колку што изнесува оваа година, на 73 милиони денари во 2022 година“, се наведува во соопштението на СДСМ.

Тие велат дека Арсовска го укинува БРТ системот, кој е еколошки проект за јавен превоз.

Од Градот Скопје, пак, соопштија дека веќе започнале со сет системски и конкретни мерки за справување со загадениот воздух и дека токму ова е еден од најголемите приоритети на кој ќе работи новата градска администрација. Тие се пофалија со чистењето на дивите депонии низ Скопје и инспекциските надзори врз нивните создавачи.

Градските власти тврдат дека квалитетот на воздухот ќе се подобри преку модернизација на јавниот превоз, нови велосипедски патеки, субвенции за купување на велосипеди и електрични тротинети и изградба на пет мега паркови, со што ќе се зголемело зеленилото во градот.

Од Градот Скопје сметаат дека проблем во справувањето со загадениот воздух зимава ќе биде и економската криза и најавите за драстично зголемување на цената на струјата, поради што дел од граѓаните веќе најавиле дека за огрев ќе користат дрва.