Надлежните поскоро да ни кажат што да учиме за матурата, бараат средношколците

Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите (ОДАС) најави дека ќе организира предупредувачки протест в петок, во 12:30 часот пред Министерството за образование и наука (МОН)

Фото: Архива на Мета.мк

Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите (ОДАС) најави дека ќе организира предупредувачки протест в петок, во 12.30 часот пред Министерството за образование и наука (МОН). Тие бараат од надлежните поскоро да решат и да кажат што треба матурантите да учат за претстојниот матурски испит, бидејќи времето за учење и подготовка се скусува.

„Ќе побараме брзо изнаоѓање на решение на матурата за оваа година, оти времето е доста кратко за учење. Сакаме да знаеме на што сме, кој материјал би го учеле. Исто така, на протестот ќе ја истакнеме и важноста на нашите заклучоци, а тоа е или да се скрати материјалот за учење или да се укине еден од интерните предмети“, вели за Мета Анисија Угриновска, претседателката на ОДАС.

Организацијата бара да се образовните институции поскоро да најдат решение. Ако дента на протестот надлежните во МОН им одобрат прием, велат дека ќе појдат за да се договорат што ќе прават.

„Целта ни е да се слушнат средношколците, да се истакне значењето на нашите ставови околу државната матура и да се забрза носењето соодветно решение“, додава Угриновска.

Државна матура годинава ќе се полага на 27 мај и на 10 јуни. Она што останува во моментов отворено како прашање, е дали надлежните ќе го скратат материјалот за учење поради часовите што учениците ги изгубија поради лажните дојави за бомби, но и поради продолжениот распуст.