„Надежта, храброста и посветеноста“, трите оружја на младите лекари во борбата против ковид-19

„Вештините што ги стекнавме како млади лекари во борбата против корона вирусот, беше емпатијата, идејата дека на пациентите не им треба само лекување, туку и надеж“, вели Рина Пурини, една од лекарите на интервјуто за „Порталб.мк“. А токму за ефектите што ги остави пандемијата ковид-19 врз генерациите на млади лекари, разговаравме со Флорент Зендели и Блерина Мустафа, пишува „Порталб.мк“.

Рина Пурини, една од младите лекарки од Скопје, вели дека нејзината работа по студиите ја замислувала сосема поинаку, но со појавата на корона вирусот вели дека пандемијата станала главниот едукативен центар за работа на младите лекари.

„По дипломирањето на Медицинскиот факултет во Скопје пред неколку години, мислев дека моето образование како специјализант ќе биде според традиционалната рутина на младите лекари. Работа во смени во различни оддели на клиниката, чести дежурства, испити и сето тоа во период од 5 години. Но, се случи глобалната пандемија, која стана главен едукативен центар на нашата работа како лекари. Корона вирусот остави огромен ефект врз генерациите млади лекари. Контактот со овој нов вирус, со висок потенцијал за пренесување, предизвика период на страв кај сите – кај населението воопшто и особено кај здравствените работници. Работата како лекар во текот на оваа пандемија беше лекција за сите нас како да управуваме со непознатото со оглед на големиот број прашања кои не опкружуваа, а не беа одговорени. Што ќе се случи? Каков ефект ќе има ова врз мене? Дали ќе се заразам? Дали моето семејство и мојот блиски ќе се разболат? Секако, целата оваа ситуација придонесе сите млади лекари посветено и амбициозно и неуморно да работат во борбата против овој вирус“, вели Рина Пурини, докторка.

А улогата на младите лекари во оваа „борба“ на почетокот не беше јасна, но според Пурини, токму младите специјалисти беа и продолжуваат да бидат во првите редови со заразените пациенти.

„Многу лекари работат долги часови во одделите за итни случаи и единиците за интензивна нега, кои третираат пациенти заразени со корона вирус. Нивните распореди се долги и непредвидливи, растојанието со семејството е неизбежно, потребата да се користат заштитни средства постојано се зголемува и целата оваа ситуација предизвикува стрес и голема можност за „прегорување“. На почетокот на пандемијата не беше познато каква ќе биде улогата на младите лекари во справувањето со овој вирус и компликациите предизвикани од него, но се покажа дека токму младите лекари се во првите редови со заразените пациенти и го остваруваат првиот контакт со нив. Работејќи со овие пациенти, во време кога дури и посетата и семејната поддршка се ограничени поради изолација, младите лекари открија вештина која долго време се игнорира во нивното образование, а тоа е емпатијата. Оваа пандемија нè научи дека покрај нашите професионални вештини, ние мора да знаеме да понудиме не само третман, туку и надеж“, рече Рина Пурини.

Пурини не се сомнева дека започнувањето на професијата лекар токму во период на пандемија ќе има влијание врз нејзината кариера, и вели дека „Сите млади лекари се определуваа за медицината затоа што веруваат во научни методи и во фактот дека со наука ќе дојде до излекување во светот. Иако верувам и се надевам дека просветлените научници ќе го најдат лекот за пациентите со ковид-19 и вакцината за да ја спречат, јас знам дека сегашната борба за управување со оваа кризна ситуација нè научи како во иднина да бидеме поспособни во лекувањето.

Флорент Зендели е исто така еден од лекарите кому „му се падна“ почетокот во оваа професија да го има во време на пандемија, и вели дека одговорноста која му била определена била многу голема, но не и невозможна.

„За релативно долг период, немало пандемии од вакви размери, како оваа со ковид-19. И, кога сето ова ќе се случи во првите чекори на работно и професионално формирање, тоа ве оптоварува со повеќе одговорности отколку биле очекувањата пред да започнете со работа, но сепак ова не го смени начинот на кој ја гледам оваа професија. На почетокот на пандемијата, начинот на пристап кон пациентите беше предизвик, поради недоволно познавање на вирусот и недостаток на јасни упатства и протоколи. Во исто време, ни се укажа можност, сакале или не, да стекнеме драгоцено искуство во справување со нова и многу непозната болест, како и нејзино управување, како на професионален, така и на емоционален план“, нагласи Флорент Зендели, лекар.

Како главни лекции што тој како млад лекар ги добил од корона вирусот, тој го издвојува моралниот аспект или емпатијата, вели дека „враќањето на надеж на сите, со нашата неуморна работа, треба да биде не само наш императив, туку и на сегашните студенти по медицина, како и мотивација за многу млади луѓе да одлучат да студираат медицина, и покрај сомнежите изразени од неодамна создадената ситуација.

За младата докторка Блерина Мустафа, најголем предизвик била изолацијата од членовите на семејството, поради стравот да не ги зарази. Таа од оваа пандемија го сфатила фактот дека професијата што ја практикува е нешто што не те остава да се откажеш.

„За време на пандемијата на корона вирусот се соочивме со многу непознати и протоколи за управување со ситуацијата кои се менуваа многу брзо, каде што како лекар секогаш мораше да бидеш многу флексибилен. Најголемиот предизвик беше изолацијата од семејството, при што многумина од нас не можевме да ги среќаваме семејствата со месеци, бидејќи секојдневно се соочувавме со ризик од инфекција. За време на пролетниот карантин бевме единствените кои работевме поинтензивно од кога било, со продолжени часови, соочувајќи се не само со болни, туку и со високо ниво на вознемиреност од овој вирус непознат кај популацијата. Така сфативме дека нашата професија е неопходна мисија што треба да се спроведе до крај, без оглед на околностите“, рече Блерина Мустафа, докторка.

Блерина вели дека со неодамнешните настани се сменило негативното чувство или слика, што луѓето ја имаа создадено за лекарите, затоа што на виделина излегоа важноста и вредноста на лекарите.

Младите кои сакаат да студираат медицина би ги охрабрила уште повеќе во ваква состојба, без оглед на заморот од долгите години на студирање, сепак ова е професија која никогаш нема да ве остави на цедило а задоволството од работата со луѓе, не може да се опише со зборови.

„Здравјето е најважно и во овој период се виде како погледите на целиот свет се свртија кон медицината“ додаде Блерина Мустафа, во интервјуто за „Порталб.мк“.

Инаку, поминаа седум месеци од почетокот на пандемијата со корона вирусот и во загрозената група беа токму лекарите, кои секој ден ги имаа првите контакти со заразените со корона вирус и ова несомнено беше и понатаму е предизвик, особено за младите лекари кои можеби го немаат ниту потребното искуство за извршување на работата во ситуации на пандемија.