Шведското јавно обвинителство соопшти дека има уште еден притворен за терористичкиот напад во петокот во центарот на Стокхолм, во кој загинаа четири лица, а 15 беа повредени.

Досега повеќе од 500 луѓе се испитани во врска со нападите.

Осомничениот во меѓувреме доби и службен бранител.

Сите жртви на нападот се идентификувани. Двајца се Швеѓани, еден е Британец, а еден Белгиец. Полицијата соопшти дека во моментот нема сознанија за можност за нови напади.

Осомничениот за нападот, 39-годишен Узбекистанец, барал постојан престој во Шведска во 2014 година, но молбата му била отфрлена и требало да биде депортиран. Полицијата вели дека имал симпатии кон терористички организации,  меѓу кои и Исламска држава.