Над 80.000 лица од земјава се вклучија во програмите за вработување преку „Гаранција за млади“

фото: Меѓународна организација на трудот (МОТ)

Северна Македонија е предводник меѓу државите од Западен Балкан во спроведувањето на рамката на политики „Гаранција за млади“, која им овозможува на младите лица до 29 години кои не се вработени, да се вклучат во некоја од активните програми за вработување. Ова беше истакнато на конференцијата посветена на гаранциите за млади во земјите од Западен Балкан што се одржа денеска во организација на Меѓународната организација на трудот (МОТ).

На конференцијата беше презентирано македонското искуство во спроведувањето на „Гаранцијата за млади“, пред претставниците на надлежните државни институции од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора.

„Гаранцијата за млади“ од 2014 година е главната рамка на политиките во земјите-членки на Европската Унија (ЕУ) за вработување на младите.

Северна Македонија е првата земја надвор од ЕУ која од 2018 година во континуитет успешно го спроведува овој проект, истакна министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

„Од воведувањето до денес, над 80.000 млади лица се вклучија во „Гаранцијата за млади“. Речиси 40 отсто од учесниците во проектот добија понуда за вработување, континуирано образование и обука, и беа вклучени во практикантство, што се смета за позитивен исход. Пристапот во справување со невработеноста на младите лица на пазарот на трудот покажа видно подобрување на состојбите со вработувањето на младите во нашата земја“, истакна Тренчевска.

Амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир, рече дека Гаранцијата им помага на младите луѓе да стекнат вештини кои се потребни на пазарот на труд, со што се намалува невработеноста.

„Северна Македонија беше првата земја надвор од ЕУ која започна со имплементација на „Гаранцијата за млади“ во 2018 година. Добро е да се види дека сите партнери од Западен Балкан сега ја прифатија иницијативата и почнаа да работат на развивање на шеми за младински гаранции во своите земји“, рече амбасадорот Гир.

На конференцијата беа презентирани искуствата од некои земји-членки на ЕУ во однос на начинот како функционираат нивните системи за вклучување и поддршка на младите луѓе кои се невработени или неактивни поради нивната неповолна положба на пазарот на труд.

Спроведувањето на „Гаранцијата за млади“ земјава го започна во 2018 година како пилот-проект во неколку општини, а од 2020 година и на целата територија на државата. Меѓународната организација на трудот преку Инструментот за техничка помош на ЕУ/МОТ во континуитет обезбедува поддршка во планирањето, следењето и прегледот на спроведувањето на Гаранцијата, истакна на конференцијата националниот координатор на МОТ Емил Крстановски.

„Северна Македонија покажува добри резултати во спроведувањето на „Гаранцијата за млади“. МОТ и понатаму ќе ја нуди својата експертиза и поддршка за да се овозможи натамошно унапредување на имплементацијата на оваа мерка во земјата. Досегашните искуства во нејзиното спроведување покажуваат дека за да се постигнат резултати неопходна е силна меѓуминистерска соработка и партнерство со граѓанските организации, синдикатите и организациите на работодавачи. Законодавно усогласување, како и поголема дигитализација на јавните служби за вработување, се клучен фактор за успех“, рече Крстановски.

Податоците на Агенцијата за вработување покажуваат дека во текот на минатата 2022 година, бројот на млади лица до 29 години кои влегле во „Гаранцијата за млади“ изнесувал над 20.000, а од нив 43 отсто се вработиле или се стекнале со вештини преку обуки.