Претседателката на инспекциски совет Магдалена Филиповска – Грашкоска на денешната прес-конференција ги презентираше инспекциските резултати за период од 23-ти до 27март. Таа посочи дека во овој период се извршени вкупно 7.633 надзори, а поединечно, Државниот пазарен инспекторат извршил 5.155 надзори, при што се затворени 22 угостителски објекти.

„Покрај контролите, државниот пазарен инспекторат го контролира и движењето на цените на одредени производи и во соработка со Управата за јавни приходи направени се 928 надзори. При тоа, кај повеќе од 60 трговци е утврдено зголемување на цената, особено на лимоните и соодветно е постапено“, информира Филиповска – Грашкоска.

Таа додаде дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат извршил 246 надзори, издал 2.774 дозволи за влез на професионални возачи на товарни возила во земјава кои се неопходни за непречено обезбедување на државата со неопходни стоки.

Според 183 надзори на Државниот инспекторат за транспорт, меѓуопштинскиот сообраќај е намален за 90 осто, а е забележан случај за прекршување на препораките на Владата за намалување на капацитетот за превоз за 50 отсто. Државниот инспекторат за труд, пак, реализирал 748 контроли, при што биле донесени 13 решенија и 48 укажувања за работодавачи. Констатирани е дека поголемиот дел од работодавачите ги почитуваат препораките за заштита на вработените од Ковид – 19.