Над 60 млади од денеска во Крушево ќе дебатираат за европската иднина на регионот

Над 60 млади активисти, во рамки на меѓународна младинска конференција „Европски вредности за иднината на земјите во Југоисточна Европа“, ќе дебатираат за европската иднина и трансформација на регионот водена од младите, како и за поголема интеграција и дигитална трансформација на општествата, информираат од Младинскиот Сојуз.

Конференцијата која по 19-ти пат ќе се одржи од 30 септември до 4 октомври во Крушево е во организација на Младинскиот Сојуз, со поддршка на Германската Амбасада во Скопје, а во соработка со Регионалниот Совет за Соработка, Гете Институтот, Националната Агенција за Европски Програми и Мобилност и Германската Фондација „Фридрих Науман“.

Главната тема на годинашната Конференција е „Регионална трансформација“, а има за цел да даде одговори на дел од најгорливите прашања за регионот со фокус на европската интеграција во време на брзи и непредвидливи промени.

Целта е да се мобилизираат младите лидери од Југоисточна Европа да внесат нов импулс во процесот на регионална соработка, а Конференцијата е место каде се слуша гласот на младите.

„Со овие активности придонесуваме да се изгради силна генерација на демократски лидери со висок капацитет, преку зголемување на младинските вештини за носење на одлуки и заеднички настап за остварување на младинска соработка и интерес“, велат од Младинскиот Сојуз.

Од конференцијата треба да произлезат препораки и предлози насочени кон конкретна акција за промоција на европските вредности кои ќе бидат имплементирани преку активностите на младите во регионот. Конференцијата ќе се одржува во хибриден формат, а покрај младите од земјава ќе учествуваат и претставници од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Косово, Црна Гора, Италија, Романија, Србија, Словенија и Турција, а ќе има и гости од партнерски младински организации од Германија, Франција и Полска во улога на ментори.