Повеќе од половина од граѓаните од земјите на Западен Балкан сакаат да бидат дел од Европската унија, бидејќи веруваат во ползата од ЕУ интеграциите, покажало најновото истражување на реномираното испитување на јавното мислење „Балкански Барометар 2019 година“, кое сè уште не е официјално објавено.

Податоците ги соопшти генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка (РСС), Мајлинда Брегу во текст објавен на сајтот на РСС, а во пресрет на Самитот на Западен Балкан што ќе се оддржи утре и задутре во Познањ, Полска.

Во текстот под наслов „Регионалната соработка станува сигурен модел што ја следи магичната привлечност на ЕУ“, Брегу нагласува дека „над 56 отсто веруваат во ползата од европските интеграции, што е за прв пат откако во последните 5 години се објавува Балканскиот барометар“, истражување што се прави во 6 земји од ЗБ и Турција и кое опфаќа над 7.000 испитаници.

Над 74 отсто од испитаниците веруваат во ползата од регионалната соработка, вели Брегу. Стопанствениците праќаат уште појасни пораки, 70 отсто се задоволни со намалувањето на цените на роамингот затоа што тоа им го поевтинува бизнисот, а 67 отсто го цени квалитетот и ползата од регионакната соработка.

Од друга страна, 60 отсто се изјасниле дека се загрижени за нови работни места, а 39 отсто дека размислуваат за заминување во странство, додаде Брегу.

Генералната секретарка потенцира дека очекувањата од Познањ се големи и дека дефинитивно шансата за регионот е во спроведување на повеќегодишниот план за создавање на Регионален економски простор, усвоен на Самитот на Западен Балкан во Трст во 2017 година, а чија координација му е доверена на РСС.

Брегу појасни дека роамингот бил само еден сегмент од овој план и дека течат или при крај се и други активности како што се признавање на дипломите на одредени професии, регионален програм за инвестициски реформи со заедничка изработка на рамковен план за промовирање на регионот за странски инвестиции, план за Интеграција на Ромите во регионот, дигиталната интеграција што почна да се реализира преку дигиталните самити во Скопје и Белград, широкопојасниот интернет, киберентичката безбедност, итн.

„ЕУ има магична привлечност, а регионалната соработка е сигурен модел“, заклучува Брегу.