Управата за јавни приходи (УЈП) ги повика граѓаните кои не ја завршиле регистрацијата во системот е-Даночни услуги (Е-ППД) да ја комплетираат постапката, откако во системот биле евидентирани повеќе од 35.000 незавршени регистрации.

Од УЈП информираат дека станува збор за граѓани кои поднеле барање за отворање кориснички профил како даночни обврзници – физички лица, но регистрацијата не била целосно завршена.

Во рамки на активностите за финализирање на процесот, до овие граѓани се испратени персонализирани известувања од електронската адреса [email protected], со инструкции за понатамошните чекори.

„Доколку сте дел од овие граѓани, ве повикуваме да се обратите до надлежната канцеларија на Управата за јавни приходи со важечки документ за идентификација, со цел овластено службено лице да ви ја одобри регистрацијата“, соопштија од УЈП.

Оттаму посочуваат дека активниот кориснички профил овозможува користење на електронските услуги преку државниот портал, увид во Годишната даночна пријава за данок на личен доход, добивање уверение за остварен доход, како и размена на податоци со други институции при остварување права на граѓаните.

Воедно, активен профил е предуслов и за користење на апликацијата „МојДДВ“, односно за скенирање фискални сметки и остварување на правото за поврат на дел од данокот на додадена вредност.

За дополнителни информации, граѓаните можат да се обратат на електронската адреса [email protected] или на телефонските броеви 02/3253-200 и 0800 33 000 (достапен само од фиксна телефонска мрежа).