fbpx

Над 34 отсто од министрите и замениците доаѓаат од образование, ЕУ: Образованието под влијание на политиката и корупцијата

-

Образовниот систем во Северна Македонија е под влијание на политиката и корупцијата, се вели во Поглавјето 26 од извештајот на Европската Комисија (ЕК) за Северна Македонија. Некои од министрите и замениците министри се назначени на државни позиции додека беа дел од образовниот процес во земјава, некои од нив продолжуваат истовремено да работат како наставници, додека други го замрзнале нивниот академски ангажман, пишува Порталб.мк.

Антикорупциската комисија потврди дека оценката на ЕК е соодветна и дека во земјата има корупција, како и политичко влијание, во образованието. Се препорачува да се разгледа Законот за високо образование со цел деполитизација на образовниот систем така што, како што самите бараат, студентите да бидат ослободени од корупција и уцена од страна на професорите и раководителите на универзитетите.

 

Што вели ЕК?

Иако во Извештајот на ЕК се истакнува одреден напредок во областа на образованието во земјата, ЕК исто така истакнува и многу проблеми со кои се соочува образовниот систем во Северна Македонија.

Вториот пасус на ова поглавје, меѓу другото, гласи:

„Образовниот систем во северна Македонија е под влијание на политиката и корупцијата. Државата е умерено подготвена во областа на образованието. Постигнат е напредок со усвојувањето на новиот Закон за основно образование и новиот Закон за наставници во основните и средните училишта и со реформите во стручното оспособување. Воведувањето сеопфатни мерки во Образовната стратегија 2018-2025 напредува бавно. Препораките од извештајот за 2019 година беа адресирани само делумно, затоа, истите сè уште важат“, се вели, меѓу другото, во извештајот на Европската Комисија.

Таа ги повикува надлежните во образованието следната година да ги исполнат следните три услови:

• Имплементација на новата Стратегија за образование, каде целна група ќе бидат децата од предучилишна возраст.
• Зголемување на поддршката за обука и други форми на професионален развој на наставниците.
• Подобрување на вклучувањето и квалитетно образование за сите, особено во предучилишна возраст, да се вклучат и децата со посебни потреби и Ромите.

 

Од 16 министри, шестмина доаѓаат од универзитетите

Во земјата шест од 16 министри се назначени во извршната власт, а претходно биле предавачи на некој универзитет во Северна Македонија. Некои од нив го замрзнале нивниот академски ангажман, но не сите.

Анализата на Portalb.mk на биографиите на сите членови на извршната власт (објавени на официјалната веб страница на Владата), односно министри и заменици министри, покажува дека од вкупно 16 министри, шестмина или 37,5 отсто се дојдени на таа позиција додека биле предавачи на различни универзитети во земјава.

Вицепремиерот Артан Груби е ангажиран како професор по новинарство на Универзитетот во Тетово и за тоа не добива надомест.

Министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири е професор на Меѓународниот универзитет во Струга, но сè уште не е сигурен дали ќе продолжи со предавањата.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими бил професор на Универзитетот на Југоисточна Европа, а во моментов неговиот академски ангажман е во мирување.

Министерот за здравство, Венко Филипче, бил доцент на Медицинскиот факултет во Скопје.

Министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, бил наставник во средно училиште во Битола.

Министерката за култура, Ирена Стефоска била професорка на Институтот за национална историја при Универзитетот „Свету Кирил и Методиј“ во Скопје.

Исто така, од вкупно 16 заменици министри, петмина на оваа позиција се дојдени од образованието, а некои од нив го ставиле академскиот ангажман во мирување.

Заменик министерот во Министерството за здравство, Илир Хасани, и понатаму е асистент на Медицинскиот факултет.

Заменик министерот во Министерството за правда, Агим Нухиу, е ангажиран како професор на Универзитетот во Тетово, и за тоа не добива надоместоци.

Заменик министерката во Министерството за надворешни работи, Фатмире Исаки, е професорка на Универзитетот во Тетово, и за тоа не добива надоместоци.

Заменик министерот во Министерството за финансии, Димитар Ковачевски бил професор во еден приватен универзитет.

Заменик министерот во Министерството за образование и наука, Арафат Шабани, бил професор на Универзитетот на Југоисточна Европа.

 

Законот забранува хонорари или плата

Законот не го забранува тоа, но, сепак колку можат тие да бидат дистанцирани од политиката? Од Универзитетот во Тетово за Порталб.мк објасниле дека сите министри и заменици министри кои во моментов се предавачи на овој универзитет, тоа го прават без надоместоци. Како причина за тоа го посочуваатчленот 174, став 8 од Законот за Високо образование.

„Министрите и замениците министри поради професионален континуитет можат да ја вршат професијата професор врз основа на договор склучен за прекувремена работа и неплатена работа, но не како редовна и платена активност.“

За ова, пред две години во Тетово беа организирани студентски протести во кои, меѓу другото, се бараше деполитизација на универзитетите и казнување на сите форми на корупција, особено во високото образование.

 

Студентите ја гледаат и искусуваат корупцијата

Една од тие што ги организираа студентските протести беше Ардијана Даути; таа за Порталб.мк вели дека студентите и понатаму се соочуваат со разни проблеми, еден од нив е и екстремната политизација на универзитетите, затоа што според неа, овие,  партиски,  професори не работат почитувајќи го принципот на меритократијата и тоа во голема мера влијае на квалитетот на образованието.

„Образованието треба да биде главен приоритет во нашата земја. Во Северна Македонија постојат универзитети каде корупцијата се одвива во различни форми. Имаме многу академици со плагијати, има криминал и корупција. Со години како студентка сум сведок на разни форми на корупција, има професори кои бараат пари во замена за оценки, сексуални услуги и други материјални работи во замена за оценки, една од нив е условувањето да се купат одредени книги по екстремно високи цени. Корупцијата не ја пријавуваме затоа што институциите не се доверливи, студентите кои пријавуваат само се казнуваат, сите знаеме како се избираат судиите и обвинителите. На нашите универзитети има многу вработени кои се партиски милитанти, професори кои исто така се дел од институциите и не ги оценуваат студентите врз основа на принципот на меритократија, секогаш има интервенции од партиски лидери“, вели Ардијана Даути, студентка и организатор на студентски протести во Тетово.

 

Антикорупционерите исто така гледаат проблеми

Нури Бајрами од Антикорупциската комисија смета дека констатацијата во извештајот на Европската Комисија во врска со влијанието на политиката и корупцијата во образованието е соодветна и додава дека во Антикорупциска пристигнале многу пријави за политичко влијание, непотизам, клиентелизам и кронизам при вработувањата во образованието на сите нивоа.

„Констатацијата во Извештајот на ЕК „Образовниот систем е под влијание на политиката и корупцијата“ е соодветна. Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) од 8 февруари 2019 година, од почетокот, добива многу пријави од физички, правни и анонимни лица, за политичко влијание, непотизам, клиентелизам и кронизам за време на вработувањата, како и избор и назначување на одговорни лица во јавниот сектор, каде е вклучен и образовниот систем на сите нивоа.

Постои повеќегодишен проблем со вработување на дел од наставници во основните и средните училишта на одредено време, без јавни огласи до три месеци и со јавни огласи за остатокот од учебната година, што претставува несигурност, притисок, зависност и поволни околности и потенцијал за политичко влијание и коруптивно однесување. Носителите на јавни функции генерално не ги почитуваат законските обврски кога одлучуваат за работни места во кои тие или нивните роднини имаат приватен интерес, а се должни да ги претстават и да се изземат при спроведување на такви постапки што претставуваат или создаваат конфликт на интереси, а кои се потенцијални можности за корупција.

ДКСК за време на својата досегашна работа има покренато многу постапки за одговорност за не изземање во текот на постапките за утврдување и не пријавување на приватни интереси. Постапувањето според барањата и иницијативите на ДКСК не е задоволително. Ваквите слабости и прекршувања се нотирани во изготвената Национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси и во Редовниот годишен извештај за работата на ДКСК доставен до Собранието на РСМ, и претставуваат реална основа за понатамошно делување на ДКСК“, вели Нури Бајрами, член на Антикорупциската комисија.

Кои се петте слабости идентификувани од Антикорупциската комисија кои претставуваат ризик за коруптивни практики и потенцијални судири на интереси?
• Значителни разлики и нерегулирани дискрециони овластувања при вработувањата во образованието;
• Недоволни кадровски и професионални капацитети на државниот инспекторат за образование;
• Ниска свест за справување со корупциските појави во образовните институции;
• Непостоење на прецизни законски регулативи за употреба на дидактички помагала во наставата;
• Недостиг на прецизни процедури за јавни набавки, кои во образовниот систем главно се спроведуваат надвор од Законот за јавни набавки;
• Недостатиг на подзаконски акти за тоа како да се регулира закупот на недвижен имот на образовните институции;
• Недоволен квалитет и правна сигурност во високото образование во врска со акредитацијата на високообразовните институции, научните институции и акредитацијата на студиските програми.

 

Потребни се нови правила за професорите што седнуваат во функционерски фотелји

Публицистот Бардил Заими вели дека законот за високо образование треба да се ревидира и да се формулираат други критериуми за носителите на јавни функции, кои истовремено се ангажирани како наставници. Тој додава дека нашата земја мора итно да се прилагоди на европските модели во однос на образованието

„Во текот на целиот транзициски период, во високото образование се појавија бројни аномалии, за кои не се најде трајно решение. Токму овие аномалии се веќе идентификувани во последниот извештај на Европската Комисија, и тие се факт, но истовремено и своевиден аларм и препорака за ослободување на образованието од влијанија на политиката и корупцијата.

Мислам дека законот за високо образование ќе треба да се ревидира и да се формулираат други критериуми за носителите на јавни функции кои се ангажирани како наставници. И покрај етиката што може да се прикаже, самиот факт дека некој наставник е носител на јавна функција го прави ангажманот проблематичен. И секако деполитизацијата на целиот образовен систем останува итен императив. За ова прашање треба да се бараат европски модели, за високообразовните институции да не бидат своевидно „место за рехабилитација“ на партиските функционери. Ова подразбира длабоко професионални критериуми и законски решенија за овој проблем што се рефлектира во политички влијанија. Секој може да членува во политичка партија и тоа е легитимно, но тоа во никој случај не треба да се рефлектира во образовната институција “, вели Бардил Заими, познавач на приликите во образование во земјата.

Според поранешниот заменик министер за образование и наука Петар Атанасов, вклучувањето на универзитетски професори на важни државни функции не претставува проблем. Тој сепак додава дека би било идеално ако за време на нивниот ангажман на државни позиции го прекинат академскиот ангажман.

„Општо, вклучувањето на универзитетски професори на важни политички позиции не претставува проблем. Ако се експерти во која било област, на пример образование или нешто друго, дури и подобро. Ако универзитетските професори имаат добри познавања во одредена област, тогаш политиките и правните прашања ќе бидат подобри и поквалитетни. Ако професорите од една област се поставени на позиции на нешто сосема друго, тогаш се прави двојна штета, и за областа каде што предава, бидејќи политиката бара целосна посветеност и се нема време за тоа, но исто така и за институцијата каде неговите знаења како професор ќе бидат неупотребливи.

Сепак, мислам дека е добро додека се на функција, професорите да ги замрзнат академските позиции. Функциите да не се мешаат. Иако законот го дозволува тоа.
Најголем проблем е кога универзитетски професор треба да извршува „партиски задачи“ или идеологија, тука започнува најголемиот проблем. Ако политиката се искористи како нешто преку која некое лице може да се вклучи во универзитетска кариера, тогаш станува збор за злоупотреба на положбата и моќта, како и политика за лична корист. Верувам дека тука била забелешката на извештајот на Европската комисија за нас.Јас, за време на политичкиот ангажман, ги стопирав сите универзитетски активности, како и предавања. А, јас бев редовен професор на УКИМ многу долго. Политиката бара целосна посветеност и нема време за обете“, вели Атанасов.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Изброени половина од гласовите: Силјановска со двојна предност пред Пендаровски

Водство на претстедателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, покажуваат првичните резултати што ги објави Државната изборна комисија (ДИК). Според извештаите, од обработени 59,61 отсто од гласачките места, таа има...