Пожарникарите се обидуваат да ги стават под контрола шумските пожари во југозападна Франција, додека силните ветрови ги туркаат пламените јазици кон градот Бордо, а еден официјален претставник изјави дека „се далеку од тоа пожарот да биде под контрола“, објави Би-Би-Си.

Повеќе од 300.000 луѓе во Франција и Шпанија избегаа од пожарите што беснеат со денови, бидејќи ветровите и високите температури ги отежнуваат напорите за нивно локализирање.

Во Шпанија, каде што е прогласена вонредна состојба, промената на временските услови им помогна на пожарникарите надвор од Мадрид.

Шпанскиот премиер Педро Санчез призна дека претстојат „сложени времиња“. Во меѓувреме, властите во Валенсија ја потврдија смртта на еден маж во пожар.

Мажот, за кој се верува дека имал околку 70 години, бил пронајден мртов во својот автомобил од страна на пожарникари додека гаснеле пожар во клисурата Солт де л’Аигуа во Манисес, според извештаите на локалните медиуми.

Во Франција, на дополнителни 55.000 им беше наредено да се евакуираат доцна во саботата.

Франција ја мобилизираше својата војска за да помогне во справувањето, а испратени се дополнителни засилувања од армијата за да им помогнат на пожарникарите во расчистувањето на грмушките и создавањето противпожарни зони.

Претседателот Емануел Макрон изјави дека Франција ќе „се обнови“ и дека неговата влада ќе „биде таму онолку долго колку што е потребно“.