Комбинираната електрана Те-То Скопје | Фото: Мета.мк

Растат списоците со енергетски сиромашни граѓани во државава кои немаат средства за да ги платат трошоците за енергетските услуги, како греење, осветлување, користење на електрични апарати или затоплување на домот, проблеми со кои се дефинира поимот – енергетска сиромаштија.

Паричната помош што од државата ја добива оваа група на граѓани е 1.000 денари за домаќинство. Пред 4 години оваа сума изнесуваш 600 денари. Во групата на енергетски сиромашни, во најголем дел спаѓаат корисниците на социјална помош, а потоа се и лицата кои поради недостиг од финансиски средства имаат ограничени алтернативни опции за греење, како парно или гас и кои живеат во енергетски неефикасни домови.

Според евиденцијата од Министерството за труд и социјална политика, МТСП, гарантирана минимална помош на паричен додаток за енергетска сиромаштија во висина од 1.000 денари месечно во јули годинава примиле 31.090 лица. Оваа бројката расте од месец во месец. Така, во јануари имало 30.999 лица евидентирани како енергетско сиромашни, во февруари биле 27.952, во март 28.013, во април 29.235, во мај 30,245, а во јуни 30.999.

„Со започнување на кризата предизвикана од коронавирусот, Владата донесе посебна уредба, со која паричниот додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството, нема да важи само во зимските месеци, односно само до април годинава, туку корисниците оваа помош ќе ја остваруваат до месец декември 2020 година, со цел намалување на ризикот од сиромаштија“, велат за „Мета,мк“ од МТСП.

Додаваат дека Владата презема мерки за намалување на енергетската сиромаштија, според Договорот за основање на Енергетската заедница, од 2005 година, Договорот за основање на енергетска заедница и Меморандумот за разбирање на социјалните прашања во контект на Енергетската заедница од 2007 година, а средствата потребни за овој вид на паричен додаток се обезбедуваат секоја година од државната каса, за сите корисници на правото на гарантирана минимална помош и социјална сигурност.

Во 2010 година е донесена Програма за субвенционирање на потрошувачка на енергија, и корисници беа домаќинствата на социјална парична помош и постојана парична помош, а висината на субвенцијата ја добиваа со секоја платена сметка. Тоа имаше тенденција на зголемување, започнувајќи од 600 денари во 2010 година, до 1.000 денари во 2018 година. Надоместокот беше исплаќан на месечна основа, со доставување на доказ за платена сметка за струја или сметко потврда за некој друг вид на енергес, до надлежниот центар за социјална работа и со барање за рефундирање на средствата во висина на предвидената субвенција.

„Тоа се практикуваше сè до мај 2019 година, кога се донесе новиот Закон за социјална заштита и овој вид на субвенција се воведе како паричен додаток во текот на шесте зимски месеци, за покривање на торшоците за греење, поточно за месеците октомври – март, во висина од 1.000 денари месечно. Без притоа да поднесуваат платени сметки. Со тоа се воведе еднаквост во можноста за користење на овој додаток од страна на сите корисници коишто спаѓаат во категоријата на ранливи потрошувачи на енергија“, објаснуваат од МТСП.

Опфатот на овие корисници е зголемен и со старите лица кои се во категорија на ранлива група на потрошувачи на енергија, со донесувањето на Закон за социјална сигурност за старите лица, кои исто така се корисници на овој паричен додаток за трошоци за греење. Во март годинава нивниот број изнесувал 7.056.

Државата во последните години субвенционира набавка на инвертери за затоплување во домовите или на соларни панели, а со цел да се намали загаденоста на воздухот и околината. Но, проблем со кој се соочуваат сите градови секоја грејна сезона е што најголемиот дел од граѓаните сè уште користат дрва за греење во зимските месеци.

Според статистичката публикација за „Потрошувачка на енергенти во домаќинствата“, 62 отсто од вкупниот број домаќинства во земјава користат дрва како примарен извор на енергија, при што загреваат од 16 до 20 метри квадратни станбен простор, додека 29 отсто се греат на електрична енергија, а само осум отсто се приклучени на централно парно греење. Експертите велат дека просечно македонско домаќинство годишно користи од три до 10 кубни метри огревно дрво за загревање. Нема евиденција колку домаќинства ги затоплуваат домовите на струја, бидејќи нема законска обврска тоа да се пријави.