Две години по неговото воведување, проектот „И отпадот има вредност!“ на Општина Центар и јавното претпријатие „Паркинзи на општина Центар“ (ПОЦ) е прифатен од над 3.500 жители кои вршат селекција на отпадот преку Green Pay картичката, а досега преку вендинг машините се собрани повеќе од 576.800 пластични шишиња и лименки или приближно 12 тони отпад се селектирани и рециклирани.
„Во ноември 2020 година, заедно со Општина Центар го воведовме светскиот тренд во рециклирањето – повратни вендинг машини за пластични шишиња и лименки со цел да ги мотивираме граѓаните да се вклучат во овој процес и да учествуваат во правилно справување со отпадот. За потребите на проектот набавивме 27 повратни вендинг машини за рециклирање, од кои 22 се веќе во продукција, а 5 пластикомати се во подготовка да бидат пуштени во употреба“, велат за Мета.мк од ЈП ПОЦ.
Од јавното претпријатие објаснуваат дека проектот е одлично прифатен од страна на жителите на скопски Центар, при што додаваат дека жителите на општината кои селектираат отпад преку сопствен пример покажуваат дека се грижат за животната средина во која живеат.
ЈП ПОЦ додаваат дека и другите скопски општини имаат интерес за да се приклучат на проектот, така што Општина Центар ја разгледува техничката можност за поврзување на мрежата на пластикомати која ќе ја воведат другите скопски општини. Исто така, за во иднина размислуваат и за нови функционалности, кои ќе го зголемат опфатот за селекција и рециклирање на отпадот.
„Во иднина, размислуваме да имплементираме и нови системи за селекција, собирање и рециклирање други видови на отпад, како стакло, хартија, метал и сл., сѐ со цел да им овозможиме на граѓаните соодветно да го третираат целиот отпад, со што ќе придонесат значително да се подобри квалитетот на живот и заштита на животната средина“, велат од ЈП ПОЦ.
Секој жител на Општина Центар има можност да добие Green Pay картичка од ЈП ПОЦ, која што може да ја користи за рециклирање на собраните лименки и пластични шишиња на вендинг машините. За возврат, секој што го селектира отпадот добива повратни субвенции за секое рециклирано пластично шише или лименка од 0,25 до 0,75 литри во износ од половина денар, за шише од 1 до 1,75 литри добива 1 денар, а за шише од 2 до 2,25 литри добива 1,5 денари.
Со собраните парични средства, жителите од Општина Центар можат да купуваат пакети за гостински часови за паркирање на паркинзите на ЈП ПОЦ или средствата да ги искористат во зелената мрежа на локали каде што можат да купуваат со попуст како привилегирани купувачи. Со самите картички корисниците можат да плаќаат и за паркинг услугите на претпријатието, а дополнителна поволност на оваа картичка е можноста за префрлање на средства од други платежни картички.
Откога граѓаните ќе ги однесат селектираните пластични шишиња и лименки до локациите, повратните вендинг машини се празнат по потреба, по исполнувањето на нивниот капацитет.
„За понатамошното постапување со прибраниот отпад од пластични шишиња и лименки е задолжена компанија која е одговорна за собирање и транспорт на рециклираната амбалажа, која што има дозвола за складирање и третман на отпад издадена од Министерство за животна средина и просторно планирање“, појаснуваат од ЈП ПОЦ.
Инаку, проектот „И отпадот има вредност!“ е еден од ретките во земјава којшто е инициран од општинските власти, а има за цел да го зголеми процентот на селектиран и рециклиран отпад. Повеќето од локалните самоуправи засега не го следат ваквиот чекор, а краен резултат се поразителните бројки на национално ниво за процентот на селектиран отпад.
Според податоците на Државниот завод за статистика за 2021 година, дури 82,7 отсто од собраниот комунален отпад во Македонија е всушност измешан комунален отпад, којшто не поминал низ процес на селекција. Хартија, пластика, метал, органски отпад, стакло и други отпадни материи завршуваат заедно во контејнерите, од каде општинските јавни претпријатија го собираат за да го однесат на депонија. Само лани, вкупното количество на собран измешан отпад изнесувало 522.914 тони.
Наспроти ваквите загрижувачки податоци, во 2021 година најмногу се селектирал органски отпад (остатоци од храна, лисја, грмушки и сл.), односно вкупно 41.687 тони. Од вкупното количество на собран комунален отпад лани во земјава, само 2 отсто е селектирана пластика, 1,9 отсто се селектирани како хартија, 1,4 отсто се селектиран текстилен отпад и 0,6 отсто се селектирано стакло. Изразено во тони, во 2021 година се селектирани 12.871 тони пластика, 12.263 тони хартија, 8.737 тони текстилен отпад, 3.713 тони стакло, 2.241 тони метал и 1.598 тони гума.
Инаку, во Скопје компанијата „Пакомак“ има исто така поставено повратни вендинг машини за рециклирање на отпад, а од 2021 година започна со работа и социјалното претпријатие „РЕДИ Рециклажа“, кое во дел од скопските општини селектира отпадна хартија и пластика од станбените згради и го започна процесот за формализирање на професијата – собирач на отпад во земјава. Од друга страна, ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје во 2021 година успеала да селектира единствено 0,32 отсто од вкупниот собран отпад во главниот град.
РЕДИ-Рециклажа ќе собира селектиран отпад и од зградите во Аеродром, Бутел, Гази Баба и Кисела Вода