Извор: Скриншот од видео на Министерството за одбрана на Ерменија

Ескалираат судирите меѓу Азербејџан и Ерменија околу спорниот регион Нагорно-Карабах. Војските на двете страни меѓусебно се обвинуваат за жестоки гранатирања на населени места, кои резултираат со сè поголем број на загинати и повредени граѓани. Ерменија и властите на непризнаената република Нагорно-Карабах обвинуваат дека азербејџанската војска со турски ракетни системи го нападнала главниот град Степанакерт. Уништени се станбени згради, а странските дописници во градот веднаш го напуштиле регионот Нагорно-Карабах.

Дописникот на „Би-би-си“ од Степанакерт јавува дека во еднонеделните судири меѓу Азербајџан и Ерменија загинале над 220 лица. Странските дописници биле сведоци на разурнатите делови на Степанакерт во неделата, а снимки од гранатирањето објавија и од Министерството за одбрана на Ерменија.

Во речиси идентичен период, ерменските воени сили се обвинети од Азербејџан за вчерашното гранатирање на вториот град по големина во земјата Гања, кој е оддалечен околу 100 километри од Степанакерт. Азербејџанските власти обвинуваат дека се погодени неколку населби, што резултирало со загинати и повредени граѓани. Азербејџан тврди дека на нивна страна во еднонеделните судири загинале 24, а биле повредени 121 невоени лица. Руската агенција „ТАСС“ јавува за уништени 56 невоени објекти и 306 домови на азербејџанска страна.

„Гардијан“ јавува за обвинувањата на Азербејџан за гранатирањето и на индустрискиот град Мингачевир, каде бил уништен резервоар за вода и трафостаници. Силите на непризнаената република Нагорно-Карабах предупредија дека воените објекти во сите поголеми градови на Азербејџан веќе се сметаат за легитимна цел за напад, во услови во кои Црвениот крст веќе ги осуди извештаите за неселектирани гранатирања од двете страни врз градовите и населените места.

Апелите на САД, Русија, Европската Унија и Обединетите Нации за прекин на огнот засега не доведоа до стопирање на судирите. Странските медиуми се загрижени од натамошни гранатирања на двете земји и ескалација на конфликтот и надвор од границите на спорниот регион Нагорно-Карабах, особено поради фактот што Ерменија на сопствена територија ја има нуклеарната електрана „Мецамор“, додека Азербејџан на своја територија има изградено голем коридор за снабдување на Европа со гас и нафта.