Над 2.000 жени на дожд ја трчаа јубилејната десетта „Авицена Женска трка“

фото: Авицена Женска трка 2022

Сојузот на спортови на Скопје, под покровителство на Град Скопје денес го одржа јубилејното десетто издание на „Авицена Женска трка“. Како што соопштија организаторите, дождот не спречил повеќе од 2.000 жени да трчаат и да го разубават градот.

„Денешната 10-та по ред, Авицена Женска трка со над  2.000 учеснички, што е 50 проценти повеќе од очекуваното, е порака дека припадничките на понежниот пол се грижат за себе си, за своето здравје и среќа. Горда сум дека го надминавме рекордот на заинтересирани жени од цела земја, кои докажаа дека динамиката се гради преку спорт“, изјави Гордана Николовска од Сојузот на спортови на Скопје.

Учесничките трчаа 3 километри, а стартот и целта на трката беа во Градски парк.

Прва до целта пристигна Весна Киранџиева за 12 минути и 22 секунди, втора заврши Бојана Наумовска со 12 минути и 35 секунди, додека на трето место се најде Вера Украдевска, која патеката ја истрча за исто време – 12 минути и 35 секунди.