Над 100 европски организации бараат Полска да ги отфрли нацрт-законите за абортус

Polish parliament

Денеска и утре 16 април полскиот парламент повторно ќе расправа за два нацрт-закони со кои сериозно ќе се ограничи пристапот до безбеден абортус, а воедно и сексуалното образование ќе стане нелегално. Доколку законите стапат на сила, со ова ќе ги стават во опасност здравјето и благосостојбата на жените и адолесцентите во Полска.

„Ги повикуваме членовите на парламентот на Полска да ги отфрлат овие регресивни законодавни предлози. Според меѓународните закони за човекови права, мерките што ги ограничуваат веќе постојните права не се дозволени и ги кршат обврските на државите да обезбедат поголема поголема заштита на човековите права“, се вели во барањето во кое учествуваат над 100 организации од цела Европа.

Тие ја повикуваат Полска да го реформира законот за абортус, за да обезбеди пристап до безбеден и легален абортус и да ги отстрани сите бариери за нега по самата процедура. Тие, исто така, ја повикаа Полска да обезбеди задолжително, соодветно на возраста, засновано врз докази и научно прецизно сеопфатно сексуално образование преку образовниот систем.

Помеѓу организациите е и македонската Асоцијација за здравствена едукација и истражување – ХЕРА.

Првиот нацрт-закон познат како „Стоп за абортусот“ се обидува да го ограничи веќе ограничениот пристап до абортус во Полска. Вториот нацрт-закон „Стоп за педофилија“ има за цел да воведе кривични казни за воведување на каква било форма на сексуално образование и докажани информации за сексуално и репродуктивно здравје и права на адолесцентите. Во Полска нема сеопфатно сексуално образование, како што се бара со меѓународните човекови права и законот ќе ги изложи адолесцентите на ризици по нивното здравје и ќе ги направи ранливи на експлоатација.

Имено, во Полска важи еден од најрестриктивните закони за абортус во Европа. Абортусот е дозволен само да го заштити животот или здравјето на жените, во ситуации на сериозно или фатално нарушување на фетусот или кога бременоста е резултат на силување или друго кривично дело. Дури и во оние ситуации во кои абортусот е легален, повеќекратни бариери се комбинираат за сериозно ограничување на пристапот до нега во пракса. Како резултат на ова, повеќето жени во Полска на кои им е потребна процедура на абортус патуваат во соседни земји, со цел да си обезбедат пристап до безбедна и правна заштита или да добијат лекови за абортус од медицински професионалци.

Ограниченото движење во услови на пандемија, дополнително ќе влијае негативно врз веќе постоечкиот строг закон во Полска, а со тоа ќе се зголеми ризикот за нарушување на здравјето и благосостојбата на жените.

Во последниве години, во Полска има напади врз репродуктивните права и направени се повеќе обиди да се воведат тотални забрани за абортус. Владата во минатото се повлече од донесувањето на законите, по масовните јавни таканаречени „Црни протести“ во 2016 година. Сепак, поради ограниченото движење кое е мерка за борба против пандемијата Ковид-19, ваквите јавни протести против овие мерки не можат да се одржат.