Расте бројката на загинати и повредени лица во земјотресот во Албанија, а меѓународната заедница веќе ја испраќа првата помош за настраданите во природната катастрофа. Според последните информации на „Ал Џазира Балканс“, во земјотресот во Албанија загинале најмалку 10 лица.

Министерката за здравство и социјална заштита Огерта Манастирлиу изјави дека во болниците се регистрирани 600 повредени лица, јавува „РТС“.

Во меѓувреме, романската влада во Албанија испрати војни авион со специјален тим за потрага и спасување. Спасувачки тимови испрати и Турција, а идентична помош веќе беше најавена од Грција и Италија. Србија се одлучи да испрати противпожарна екипа, додека специјален тим за потрага по рушевините веќе е најавено дека ќе пристигне и од Црна Гора. Како што објави албанскиот сервис за проверка на факти „Фактоје“, на терен сѐ уште се одвива потрага по преживеани во срушените згради во Тумане.

Албанските медиуми јавуваат дека најтешка е ситуацијата во Тумане и Драч, каде што има урнати згради и од каде доаѓаат информации за најголем број на загинати и повредени лица. Оштетувања се забележани и на античките градби лоцирани во Драч.

Изрази на сочувство за настраданите во земјотресот пристигнуваат и од македонските власти. Премиерот Зоран Заев, претседателот Стево Пендаровски и собранискиот спикер Талат Џафери искажаа подготвеност за поддршка и испратија сочувства до институциите и до граѓаните на Република Албанија.

Премиерот Заев во изјава за медиумите вети дека првичната помош од земјава ќе се состои од механизација и тимови за пронаоѓање и извлекување на исчезнати лица. Градот Скопје ќе испрати специјална екипа со дронови за помош при пребарувањето и потрагата по преживеани лица. Советот на град Скопје утре ќе донесе одлука за доделување на помош за настраданите лица во земјотресот.

Како што информираат од Природно-математичкиот факултет при УКИМ, тлото на Балканот не престанува да се тресе и во претпладневните часови. Во 10:19 часот е регистриран земјотресот во Босна и Херцеговина, на 300 километри северозападно од Скопје. Земјотресот во Скопје и неговата околина бил почувствуван со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.