Над 1.000 вработени административци според Рамковен договор, ќе се распределат во 237 државни институции

Во 237 органи на државната и локалната самоуправа ќе бидат распределени 1.349 административци кои се вработени според Рамковниот договор, а доколку тие го одбијат понуденото работно место, ќе бидат ставени на трансфер листата на Министерството за информатичко општество и администрација. Ако и таму ја одбијат работа, ќе им се укине работниот договор. Ова на денешната прес-конференција го истакна вицепремиерот Артан Груби, пренесувајќи ја одлуката на Владата.

„Меѓу административците најмногу има економсти, правници, како и лица со средно образование кои ќе бидат сместени во 237 институции, органи на државната и на локалната самоуправа. А, освен Албанци, има и Македонци, Роми, Турци, Срби и Бошњаци. Трансферот се врши преку систематизација на работното место, на исто ниво за кое работникот ги исполнува условите. Според планот за распределба, институциите ја одобруваат одлуката за ситематизација, а раководителите треба за 30 дена да ја започнат постапка. Министерството за финансии даде согласност, а МИОА е должно да даде согласност во рок од седум дена, додека органите на државната администрација треба да им овозможат стручна обука на рамковните вработени“, рече Груби, додавајќи дека органите на државната администрација кде ќе бидат распоредени вработените, се должни да им обезбедат стручна обуја за да ги подобрат нивните знаења и вештини и дека тоа нема да претставува за нив дополнителен трошок.

Меѓу институциите каде ќе се распределат рамковните административци се Агенција за вработување каде ќе се лоцираат 20 лица, Агенција за храна – 10, Влада – 12, Државен архив – 12, Државен завод за статистика -15, Државно правобранителство – 74, Министерство за внатрешни работи – 143, Пазарен инспекторат – 35, Министерство за надворешни работи – 26, УJP 92, Државно правобранителство- 74, Царинска управа -74, Министерство за финансии -25, Министерство за образование и наука-Биро за развој на образование -11 и други.

Вицепремиерот Груби информира дека се веќе доделени откази на рамковно вработените кои се во странство и дека листата на оние кои ќе бидат распределени е прочистена и дека а неа нема такви што се водат како вработени, а се надвор од земјава. Дел од нив, сами поднеле барање да им се раскине договорот, а на други им се дадени отказни решенија. Постапката за нивна распределба треба да заврши до крајот на јануари.